Финансирањето на иницијативата „Појас и пат“ на Кина како амбициозен инфраструктурен проект за поврзување на синџирите на логистика на повеќе од 60 држави во Централна Азија, Европа и Африка е под закана поради долговите од десетици милијарди кон Пекинг, пренесуваат медиумите од САД.
Забавувањето на глобалниот економски раст, заедно со зголемените каматни стапки од централните банки на водечките земји, го натера Пекинг да ја ревидира иницијативата. Друга важна причина исто така се специфичните карактеристики на кинеската кредитна политика.
Една од главните препреки за Кина е соработката со дел од земјите во развој кои не можат да ги вратат долговите.
Кинескиот претседател Ши Џинпинг на состанокот во ноември минатата година со високи функционери призна дека проектот „Појас и пат“ влегува во фаза во која треба да се движи низ „сè посложена“ мрежа на прашања.
Додека Ши дава знак за ревизија, кинеските банки брзо го намалија позајмувањето пари на земјите со ниски приходи, дури и ако тоа значи застој на некои од клучните проекти. Ова им дава простор за дишење на кинеските банки да се фокусираат на наплата на долгот и ликвидирање на заемите.
Иницијативата „Појас и пат“ е еден од главните надворешни економски проекти на Кина што ги започна кинескиот претседател Ши Џинпинг во септември 2013 година. Таа има за цел да создаде нови трговски патишта, транспортни и економски коридори што ја поврзуваат Кина со Централна Азија, Европа и Африка.
Додека Западот долго време ја обвинува Кина дека води дипломатија со „замката со долгот“, што значи намамување на економски кревките земји да позајмуваат пари - главно за преамбициозни проекти - кои тие никогаш не можат да ги вратат, Пекинг ги отфрла таквите наводи нарекувајќи ги „лага“ и наместо тоа, ја опишува својата политика како „соработка“ со 149 земји и 32 меѓународни организации.
Има околу 3.000 проекти кои Кина ги покрена во рамките на иницијативата „Појас и пат“.
Мрачна прогноза
Во јули, ТРТ Русија напиша дека финансирањето и инвестициите на Кина во Русија за проектот во првата половина на 2022 година паднале на нула. „Фајненшл тајмс“ објави, цитирајќи го извештајот на Центарот за зелени финансии и развој на Универзитетот Фудан во Шангај, дека ова е прв пат откако кинеската програма беше лансирана во 2013 година, инвестициите да бидат намалени. Во 2021 година, Москва и Пекинг потпишаа договори во вредност од околу 2 милијарди долари.
Кристоф Недопил Ванг директорот на центарот, смета дека воздржувањето на Кина од инвестирање во Русија може да биде поврзано со заканата од санкции од западните земји, па затоа Пекинг ја продлабочува соработката со Блискиот Исток. Податоците на центарот покажуваат дека Саудиска Арабија станува главен корисник на иницијативата „Појас и пат“. Кина ги зајакна врските во енергетиката и градежништвото со Саудиска Арабија и потпиша договори во вредност од 5,5 милијарди долари.
Сепак, Ванг смета дека падот на инвестициите може да биде привремен и дека дефинитивно има „силна интеракција“ меѓу Русија и Кина. И покрај настаните во Украина, купувањето на руските енергетски ресурси од страна на Пекинг се зголеми, додаде тој.
Според плановите на Кина, иницијативата ќе доведе до создавање на најдолгиот економски коридор во светот кој ќе досегне до 4,4 милијарди луѓе. Некои експерти го проценуваат обемот на проектот на 21 билион долари.
На 15 септември, агенцијата Блумберг соопшти дека стапката на економски раст на Кина ќе се намали на вредности блиску до апсолутниот минимум, по повеќе од 40 години, до крајот на 2022 година. Нивото на производство во азиската земја до крајот на декември ќе се зголеми само за 3,5 отсто наместо планираните 5,5 отсто.
Сепак, според Џијан Чанг, главен економист на Берклис за Кина, економскиот раст во земјата оваа година може да достигне само 2,6 отсто. Азиската банка за развој (АДБ) во септември објави нова прогноза за динамиката на БДП во Кина и другите азиски земји во развој во периодот 2022-2023 година.
АДБ верува дека наместо очекуваниот раст на БДП од 5 отсто во Кина во 2022 година и 4,8 отсто во 2023 година, растот ќе биде 3,3% и 4,5%. За остатокот од Азија во развој, банката исто така ја намали прогнозата за раст на БДП за 2022-2023 година од 5,2 отсто на 4,3 отсто и од 5,3 отсто на 4,9 отсто.