Групацијата на производители на автомобили Стелантис и кинеската компанија ЦАТЛ денеска објавија дека заеднички ќе изградат фабрика за литиум-железо-фосфатни ЛФП (LFP) батерии во Шпанија за 4,1 милијарди евра.
Објектот ќе биде изграден на локацијата на Стелантис во Сарагоса, североисточна Шпанија, а се очекува да биде оперативен до крајот на 2026 година.
Фабриката би можела да достигне капацитет од 50 гигават-часови во зависност од развојот на пазарот на електрични возила во Европа и континуираната државна поддршка.
„Ова важно заедничко вложување со нашиот партнер ЦАТЛ ќе донесе иновативно производство на батерии на производствена локација која веќе е лидер во чиста и обновлива енергија“, рече претседателот на Стгелантис, Џон Елкан.
Со него се согласи и извршниот директор на ЦАТЛ, Робин Зенг.
„Верувам дека нашата најсовремена технологија за батерии и извонредното оперативно знаење во комбинација со децениското искуство на Стелантис во водењето бизниси локално во Сарагоса ќе создадат одлична успешна приказна во индустријата“, рече Зенг.
Европските производители на автомобили во моментов се соочуваат со бројни предизвици, а акциите на Стелантис паднаа за повеќе од 38 отсто од почетокот на годината.
Стелантис е втор најголем производител на автомобили во Европа, а меѓу европските марки на концернот се Пежо, Ситроен, Опел, Фиат, Алфа Ромео.