Корупцијата го чини светот 2,6 билиони долари годишно, односно околу 5% од светскиот бруто домашен производ или илустративно за нешто повисоко од комбинираната вредност на технолошките гиганти Гугл и Амазон.
Во изминатиот период по бројните конфликти, светски кризи и неизвесности се смета дека корупцијата е зголемена. Корупцијата не само што ги следи конфликтите туку е и најчесто една од главните причини за избувнување на ваков вид на судири, влошувајќи ја сиромаштијата, недостигот на владеење на правото и злоупотребата на ресурси.
Обединетите Нации на 9 декември го одбележуваат Светскиот ден за борба со корупцијата откако пред речиси 20 години ја изгласаа Конвенцијата за антикорупција. Годинава главен фокус е ставен на напорите за мир, безбедноста и развојот.
Каква е состојбата на Западен Балкан?
Секој петти жител барем еднаш користел мито од некаков вид, што го прави просекот на регионот на Западен Балкан далеку повисок отколку во земјите од Европската Унија, оценува истражувањето на Евробарометар.
„Потпаѓањето под жртва на корупцијата и натаму е високо во земјите од Западен Балкан“, стои во извештајот „Геополитика, заробување на државата и корупција на највисоко ниво. Што е следно за борбата со корупцијата во Западен Балкан“.
Извештајот го изработи Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ) врз база на проценка на антикорупциската инфраструктура, анкетно испитување и приказ на податоци за корупцијата.
Во 2021 година, прифаќањето на корупцијата е највисоко во Албанија со стапка од 40%, потоа следи Босна и Херцеговина со 38%, Северна Македонија со 37%, Србија со 29% додека пак и земјите со најниска стапка на прифаќање како Косово со 25% и Црна Гора со 27% и натаму имаат прилично висок опфат на испитаници кои сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивните држави.
Во Албанија на 57% од испитаниците им било побарано мито, додека пак 47% одговориле дека биле вклучени во форма на поткуп. Најниско на оваа скала е Србија каде на 24% им побарале мито, а 23% дале мито.
Ова покажува дека административната корупција во регионот е масовна појава и треба да се смета како специфичен ризик за работата на јавните институции.
„Антикорупцискиот напредок постигнат во Западен Балкан од почетокот 2000-ти и до средината на 2010-тите сега е закочен. Некои мерки на административна корупција укажуваат на пораст во многу земји во регионот“, објави СЕЛДИ.
Голи статистики, позитивни сигнали
Без оглед што статистиките за нивото на корупција се минално променети од изминатите години се стави фокус на забрзување на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.
Токму ургентноста на ситуацијата по руската инвазија на Украина придонесе како во извештаите на Европската комисија, така и во генералните стратешки документи на ЕУ да се обезбеди поддршка за регионот, па во таа насока беше промовиран и Акциониот план за европска демократија.
САД кои исто така даваат поддршка за земјите од регионот најавија сериозна посветеност на искоренување на корупцијата како како клучен столб на стратегијата за национална безбедност со цел да ја зголеми демократската отпорност на регионот.