Студијата, исто така, покажа дека калциумот има сличен ефект врз спречувањето на развојот на рак на дебелото црево, без разлика дали се консумира од млечни или не-млечни извори / Photo: Getty Images

Пиењето чаша млеко дневно го намалува ризикот од развој на рак на дебелото црево за речиси една петтина, покажа најголемата студија од овој тип спроведена до сега.

Истражувачите од Универзитетот во Оксфорд велат дека го пронашле досега најсилниот доказ дека калциумот штити од развојот на оваа смртоносна болест.

Тимот исто така откри дека пиењето чаша вино дневно го зголемува ризикот од развој на рак на дебелото црево за 15 проценти.

Експертите кои ја спровеле студијата потсетуваат дека луѓето треба да се грижат за урамнотежена исхрана, да одржуваат здрава телесна тежина и, ако пушат, да се откажат од пушењето- сѐ за да се намали ризикот од развој на рак на дебелото црево.

Секоја година на 44.000 луѓе во Велика Британија им се дијагностицира оваа болест.

Резултатите од нивното истражување покажуваат дека една од дваесет жени и еден од седумнаесет мажи во Велика Британија ќе бидат дијагностицирани со рак на дебелото црево во текот на нивниот живот.

Повеќе од половина од таквите случаи може да се спречат. Научниците тврдат дека 13 отсто од нив се предизвикани од консумирање преработено месо, а 11 отсто од прекумерна тежина и дебелина.

Најновото истражување, чии резултати беа објавени во списанието Нејчр Комјуникејшн (Nature Communications), испитуваше 97 фактори на исхрана и нивното влијание врз ризикот од развој на рак на дебелото црево кај 542.778 жени кои учествуваа во студијата Милион Вомен (Million Women), глобална студија за здравјето на жените.

Ова е една од најголемите проспективни студии за здравјето на жените во светот. Во неа се запишани повеќе од 1,3 милиони жени од Обединетото Кралство помеѓу 1996 и 2001 година и оттогаш ги следи здравствените резултати.

Студијата е иницирана со цел да се добијат веродостојни информации за ризиците поврзани со различните видови хормонска терапија во менопаузата, но нејзината цел е да обезбеди информации за ефектите на бројни други фактори кои би можеле да влијаат на здравјето на жените како што стареат.

За време на последователен период од речиси 17 години, 12.251 жена развиле рак на дебелото црево, при што недостатокот на калциум и консумирањето алкохол имаат најсилен ефект врз развојот на промените поврзани со развојот на рак на дебелото црево во споредба со сите други испитувани фактори на исхрана.

Научниците откриле дека во просек дополнителни 300 мг калциум дневно, што е еквивалентно на голема чаша млеко од 240 мл или неколку чаши јогурт, резултирале со 17 отсто намалување на ризикот од развој на рак на дебелото црево.

Алкохолот го зголемува ризикот

Студијата, исто така, покажа дека калциумот има сличен ефект врз спречувањето на развојот на рак на дебелото црево, без разлика дали се консумира од млечни или не-млечни извори, што покажува дека главниот фактор за намалување на ризикот е калциумот. Студијата не го испитуваше ефектот на додатоците на калциум.

Истражувачите велат дека е земен предвид внесот на калциум од млекото (вклучувајќи го и она што се додава во чајот и кафето), калциумот од јогуртот, зеленчукот и другите извори, но поврзаноста со производите од сирење и сладоледот не била јасно наведена во студијата.

Сепак, тие тврдат дека нема посебна причина зошто не треба да се земат предвид производите од сирење, како и сладоледот. Можеби учесниците во студијата едноставно не консумирале големи количини на ниту една храна.

Истражувачите исто така откриле дека 20 грама алкохол на ден (што е еквивалентно на средна чаша вино или половина литар пиво) го зголемува ризикот од развој на рак на дебелото црево за 15 проценти.

Студијата ги потврди претходно познатите податоци дека преработеното месо и црвеното месо го зголемуваат ризикот од развој на рак на дебелото црево, поточно, консумирањето 30 грама од овие намирници дневно е поврзано со 8 проценти зголемување на ризикот.

Водачот на студијата д-р Керен Папиер рече дека се потребни повеќе истражувања, но таа истакна дека „ова е најсеопфатната поединечна студија досега спроведена за врската помеѓу исхраната и развојот на рак на дебелото црево, нагласувајќи ја заштитната улога на калциумот во потенцијалниот развој на оваа болест“.

Истражувачите тврдат дека заштитната улога на калциумот би можела да биде поврзана со способноста на овој најзастапен минерал во човечкото тело да се врзува за жолчната киселина и слободните масни киселини во еден дел од цревата, со што се намалува нивниот ефект врз промовирањето на развојот на ракот.

И експерименталната работа на стаорци, исто така, покажа дека повисоките нивоа на калциум во исхраната можат да помогнат во заштитата на структурата на цревата, велат научниците од Универзитетот Оксфорд.

Тие тврдат дека не постои причина зошто и мажите да не имаат корист од калциумот на ист начин како и жените, со оглед на тоа што претходните студии во кои беа вклучени мажи покажаа сличен ефект на млечните производи врз намалувањето на ризикот од рак на дебелото црево.

TRT Balkan / агенции
Популарни