Бионтек развива нова вакцина за маларија / Photo: AP

Во сенка на пандемијата со Ковид-19 и натаму e маларијата, која како заразна болест одзема над 600.000 животи годишно. На повидок и натаму нема целосно решение за вакцинација.

Во текот на наредната година се очекуваат првите човечки тестови на новата вакцина против маларија која ја најави германската фармацевтска компанија „Бионтек“. Испитувањата ќе се вршат во САД со група на 60 доброволно пријавени кандидати кои претходно немале маларија.

Потенцијалот на БНТ65б1 вакцината ќе се тестира преку три дози, а исто така е предвидено понатаму да се произведува во Африка, како еден од најпогодените континенти и каде најчестите смртни случаи се деца.

Исто така Светската здравствена организација веќе ја применува вакцината РТС,С, која е засега единствена за активна употреба. Досега се применува во повеќе земји во Африка меѓу кои Гана, Кенија и Малави каде е одобрена од државните министерства за здравство за имунизација на децата во области каде има високи услови за пренос на маларија.

Од јануари 2022 година, повеќе од 900.000 деца примиле најмалку 1 доза од вакцината преку оваа програма.

„Втората вакцина против маларија може да биде многу корисна за контролата на маларијата, особено затоа што може да ја зголеми понудата за да ја задоволи очекуваната висока побарувачка“, велат од СЗО.

Претходните обиди за напредна вакцина против маларија се покажаа како неуспешни, делумно поради промените на паразитот кој ја предизвикува заразата, како и поради недостиг на финансии.

Каква е состојбата со маларијата?

Регистрирани се вкупно 619.000 смртни случаи во 2021 како директна последица на зараза со маларија. Претходно, во 2020 годината на пандемијата со Ковид-19, бројот на смртни случаи изнесувал 625.000, додека пак во 2019 година имало 568.00 случаи со смртни последици.

Расте бројот на заразени на глобално ниво во последните три години, па така од 232 милиони случаи во 2019 година, достигнал 247 милиони во текот на 2021 година, додека пак за годинава се уште се чекаат последните официјални статистики.

Сепак, и покрај благиот раст на нови случаи неодамна, ако се погледнат трендовите во последните дваесетина година може да се забележи стабилно намалување на последиците од маларија, како од вкупниот број на смртни случаи така и на бројот на заразени.

Кина и Ел Салвадор се најновите држави во светот кои се сертифицирани како ослободени од маларија. За една држава да биде ставена на листата потребно е во последните три години да нема ниту една домашно предизвикана инфекција од маларија.

Тој статус го стекнаа Алжир и Аргентина во 2019 година, Узбекистан и Парагвај во 2018 година, Киргистан и Шри Ланка во 2016 година и Малдивите во 2015 година.

Покрај ефикасна вакцина за имунизација се водат и проекти за генетски инженеринг кај комарците кои ја пренесуваат заразата. Таквите проекти предвидуваат постепено исчезнување на генот на маларија без да се прават програми за искоренување на комарците што се покажа дека не е целосно возможно.

TRT Balkan / агенции
Популарни