Дали потта од врвот на прстот на жената може да помогне во откривање на рак на дојка? Научниците од Универзитетот Шефилд Халам развија тест за отпечаток од прст кој нуди безболна и неинвазивна алтернатива на сегашните мамографи.
Професорката Симона Франсез работи во форензичката наука речиси 15 години, користејќи отпечатоци од прсти за профилирање на осомничените криминалци.
Но попатно, нејзиниот истражувачки тим сфатил дека истиот метод може да се користи за скрининг за рак на дојка.
„Потта содржи многу различни молекули, но она што нѐ интересира се протеините. Ние всушност ги откриваме овие протеини и различните нивоа на нивното изразување, а овие различни фактори на изразување ни кажуваат дали пациентот има бенигна патологија или рак во рана фаза или е метастазиран. Ние користиме вештачка интелигенција за да ги разбереме податоците од масовната спектрометрија“, вели Франсез.
Според Светската здравствена организација, ракот на дојката во 2021 година го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на болеста, што претставува речиси 12% од новите случаи во светот секоја година.
Традиционалните методи на скрининг и откривање, како што се мамографија или биопсија, се ефективни, но можат да ги изложат поединците на зрачење и да предизвикаат непријатност.
Франсесз верува дека неинвазивниот тест за отпечаток од прст еден ден може да го замени мамографот и да поттикне повеќе луѓе да прават редовни прегледи.
„Секако, она што во моментов го имаме се мамографија и биопсија, така што апсолутно ќе ги охрабрам жените да ги направат овие тестови бидејќи тие сепак спасуваат животи“, вели Франсез.