Делови од трупот и крилата се преместени на монтажната лента, со што почна работата на склопување на турскиот борбен авион, кој е еден од најважните проекти на одбранбената индустрија на Република Туркије.
Чекор по чекор, Туркије ги поминува клучните фази и напредува во Проектот за развој и производство на националниот борбен авион, во кој Турската воздухопловна индустрија (ТУСАШ) е главен интегратор под координација на Дирекцијата за одбранбена индустрија (SSB).
Во тој контекст, во седиштето на Дирекцијата за одбранбена индустрија беше одржана церемонија на пуштање на производната линија со учество на претставници од Министерството за национална одбрана на Туркије, Дирекцијата за одбранбена индустрија и Командата на Турските воздухопловни сили.
Трупот, средниот труп, модулот на крилата и задните делови на трупот на прототипот на турскиот национален борбен авион се пренесени на монтажната лента, со што започнаа работите на монтажа и интеграција на системот на првиот прототип, кој ќе биде пуштен од хангарот на 18 март 2023 година и ќе ги започне тестовите.
Локомотивата на одбранбената индустрија
Оценувајќи ја фазата до која стигна проектот, претседателот на Дирекцијата за одбранбена индустрија на Туркије, Исмаил Демир, изјави дека како инженер на авиони, негов сон било да биде во ваков процес на градба.
„Му благодарам на Бога што можевме да учествуваме во овој процес. Од денот кога го започнав мојот прв факултет, сонував за овој ден. Се надевам дека дојдовме до почетокот на крајот. Ја отвораме првата завеса на оваа работа. Нашата работа ќе биде завршена кога нашиот авион успешно ќе ја исполни својата цел. Ја отворивме завесата, но пред нас е долг пат. Сите вработени ќе имаат и приказна да им ја раскажуваат на своите деца, внуци. Ќе можете да им кажете дека сте биле дел од тимот што го направил првиот турски млазен борбен авион“, рече Демир.
Истакнувајќи дека и овој проект е исто така локомотива што ја влече индустријата, Демир рече дека во проектот се вклучени повеќе турски компании и сектори кои имаат заедничка цел.
Додаде дека овој проект ќе го поттикне развојот на технологијата воопшто и ќе ја подигне Туркије на повисоко ниво.
„Ќе постигнеме успех заедно на овој пат на „црвеното јаболко“. Верувам дека заедно ќе ја градиме визијата за „Векот на Туркије“. Ќе продолжиме да работиме со сета сила за да ги постигнеме своите цели за 2023 година под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, рече тој.
Испитувања на земја
Директорот на управата на ТУСАШ, Рафет Боздоган, изјави дека целта е оваа фаза од проектот да се доврши до 18 март следната година.
„Дојдовме до многу важен и клучен праг во проектот. Се надеваме дека многу брзо ќе можеме да ги исполниме очекувањата на нашите вооружени сили. Тоа е тежок и голем проект. Се надевам дека прототипот на авионот со сопствен мотор ќе излезе од хангарот на 18 март. Се надевам дека тоа ќе биде на 18 март“, изјави Боздоган.
Генералниот директор на ТУСАШ, Темел Котил, посочи и на фактот дека во овој проект го прават првиот турски национален борбен воздухоплов.
„Ние направивме авион. Ние, всушност, не произведуваме авиони, ние градиме компанија која ќе произведува авиони. Имаме повеќе од 13.000 вработени. Постројките се тука. Оваа компанија од сега ќе ги произведува и сите видови летала. По тоа, по излегувањето од хангарот, ќе почне со копнени тестови и ќе се подготви за првиот лет“, рече Котил.
Додека деловите од прототипот на турскиот национален борбен авион се транспортираа до монтажната лента, Демир симболично употреби автоматска бормашина и го започна склопувањето. Потоа присутните се потпишаа на спомен-плочата.
Следуваат нови етапи
Целта е да се вклучат приближно 6.500 составни делови и 30 потсистеми во првиот прототип на националниот борбен авион на Туркије, во кој приоритет е производството од светска класа. Предвидено е проектот да се развива во фази и со одредени временски рамки.
Во рамките на проектот во голема мера е завршена и изградбата на полигонот за тестирање „Јилдирим“, на којшто ќе биде реализирана следната фаза од проектот. Исто така, започнаа и инсталационите активности на „Демир Куш“ (Железната птица) и лабораторијата за интеграција на системи.
Во периодот од 2023 до 2029 година се планираат нови фази, детален дизајн и фази на оспособување. Во овој процес е предвидено да се реализира и првиот лет, да се произведат развојни тест-авиони и конструкциски тест-авиони со реална големина.