Новите сознанија покажуваат дека генетските карактеристики може да се променат од корисни во штетни како што се менуваат животните услови
Примероците на ДНК од коските и забите на древните Европејци, кои живееле пред околу 34.000 години, покажаа дека генетските варијанти кои сега го зголемуваат ризикот од развој на мултиплекс склероза (МС) некогаш ги штителе луѓето од болести кои ги пренесувале животните. Научниците го открија ова со испитување на примероци од ДНК од 1.664 луѓе од антички места во Западна Европа и Азија.
Тие ги споредија древните геноми со современите извори на ДНК од британската Биобанка, која содржи примероци од околу 410.000 бели Британци и повеќе од 24.000 луѓе родени надвор од Британија, за да ги утврдат промените што се случиле со текот на времето.
Едно извонредно откритие вклучуваше МС, хронична болест на мозокот и 'рбетниот мозок за која се смета дека е автоимуна.
Научниците утврдиле дека пред околу 5.000 години, на почетокот на бронзеното доба, се случила важна миграција на луѓе. Сточарите на народот Јамнаја се преселиле во Западна Европа од територијата на денешна Украина и јужна Русија.
Тие имале генетски карактеристики кои им биле корисни во тоа време, заштитувајќи ги од инфекции од овци и говеда. Како што се подобруваа санитарните услови во текот на милениумите, истите овие генетски варијанти го зголемуваа ризикот од развој на МС.
Ова би можело да објасни зошто луѓето во северна Европа имаат највисока преваленца на МС, двојно повисока отколку во јужна Европа.
„Ние сме резултат на еволуцијата што се случила во минатите окружувања и на многу начини не сме оптимално прилагодени на средината што ја создадовме за себе денес“, рече генетичарот од Беркли, Расмус Нилсен, еден од водачите на студијата, чиј резултатите беа објавени во средата во списанието Нејчр.
Пред околу 11.000 години, земјоделците од денешна Туркије дојдоа во Западна Европа и ги заменија ловците-собирачи. Тие подоцна беа заменети со луѓето од народот Јамнаја.
„Јамнајите беа првите вистински европски номади. Со припитомени говеда и коњи стигнаа во азиската степа каде што има малку храна и вода, па носеа сè со себе на колички. Физички беа невообичаено големи, што може да се види од нивните скелети како и од генетиката, а се чини дека беа и доста насилни“, рече Вилијам Бари, генетичар од Кембриџ кој учествуваше во студијата.
„Мислам дека населението во голема мера е заменето со војни“, додаде тој.
Голем дел од потомците на Јамнаи постојат на северот на Европа, најмногу во Ирска, Исланд, Норвешка и Шведска, а се намалува како што одите на југ.
Откритијата покажуваат дека генетските карактеристики може да се променат од корисни во штетни како што се менуваат условите за живот.
„Патогените инфекции станаа почести за време на бронзеното доба поради блиската коегзистенција на луѓето и домашните животни и зголемувањето на густината на населението“, вели Еван Ирвинг-Пиз, експерт за пресметковна еволутивна биологија на Универзитетот во Копенхаген.
„Тие генетски варијанти станаа непотребни за нашите имунолошки потреби дури во модерното време, со подобра санитација и здравствена заштита, што резултираше со зголемен ризик од развој на МС и други автоимуни болести“, додаде тој.
„Ова го менува нашето разбирање за МС, помагајќи ни да го разбереме неговото потекло. Можеме да замислиме дека МС е резултат на имунолошкиот систем кој еволуирал ефикасно за да се справи со низа инфекции во минатото, а сега владее различна средина. Оваа разлика помеѓу минатото и модерната санитација веројатно предизвикува хиперактивен имунолошки систем. Тоа значи дека треба да работиме на повторно прилагодување на имунолошкиот систем, а не да го потиснуваме“, рече Бари.
Истражувањето расветли и други карактеристики на Европејците.
Јамнајите биле генетски високи, така што дури и денешните луѓе на северот на Европа се повисоки отколку на југот, каде што живеат голем дел од потомците на неолитските фармери кои биле ниски.
Источноевропејците имаат зголемен генетски ризик за развој на Алцхајмерова болест и дијабетес тип 2, открија научниците.
Откриле и дека интолеранцијата на лактоза се појавила во Европа пред околу 6.000 години.