За oслободување од стресот важно е да се променат моделите на однесување, па за почеток е добро да се прават редовни паузи за одмор во текот на денот / Photo: AA

Многумина сметаат дека стресот е само лоша појава, но работите не се толку едноставни бидејќи стресот е природна, но и многу важна телесна реакција.

Во ситуации кои ги сметаме за заканувачки, нашето тело е ставено во состојба на висока готовност.

„Во нашиот мозок се активира реакција на тоа“, објаснува д-р Ралф Сур, претседател на берлинската Фондација за здравствена писменост, непрофитна организација чија цел е да им овозможи на луѓето да носат информирани здравствени одлуки.

Сигнализирачките молекули наречени хормони на стрес, како што се норадреналин, адреналин и кортизол, се ослободуваат во крвотокот. Енергетските резерви се ставени во функција, а организмот станува повнимателен и способен да реагира побрзо. Таквата состојба, во која организмот избира да се бори, да побегне или да се парализира, било од витално значење за нашите праисториски предци кога, на пример, одеднаш ќе се соочиле со ѕвер.

Денес, средбата со дива мечка ретко предизвикува стрес. Во ова модерно време, секојдневни стресни фактори се семејните или финансиските проблеми, постојаната трка со времето или преоптоварувањето со брзиот дигитален свет.

Овие ситуации предизвикуваат хроничен стрес и не му даваат на телото да се врати во нормална, опуштена состојба, а со тоа ги стимулира биохемиските процеси кои можат да доведат до болест.

„Но, студиите не покажаа недвосмислена директна поврзаност помеѓу стресот и специфичните болести“, вели Сур.

Сепак, одредени болести се во корелација со хроничен стрес, бидејќи тој потенцијално го оптоварува нашиот имунолошки систем и на тој начин не прави поподложни на инфекции.

Покрај тоа, луѓето под стрес често усвојуваат нездрави навики како што се пушење, недоволно спиење или незаситна конзумација на нездрава храна.

Какво е влијанието на стресот врз одредени телесни системи?

1. Гастроинтестинален тракт

Стресот може да предизвика проблеми со варење, дури и од храна која вообичаено добро ја поднесуваме, а „тоа прави многу луѓе склони кон дијареа“, открива психијатарот и научник кој се занимава со проблемот на стресот, др. Мазда Адли, главен лекар во клиниката Флиднер во Берлин и раководител на одделот за истражување на афективните нарушувања во Универзитетската болница Шарите.

„Хроничниот стрес, исто така, може да ги забави цревата, да го намали апетитот, да доведе до киселини или уште полошо, синдром на нервозно дебело црево“, вели Адли.

2. Кардиоваскуларен систем

Акутниот стрес ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок, а хроничниот стрес може да доведе до здравствени состојби како што е хронично висок крвен притисок.

„Можни се и срцеви аритмии„, предупредува Адли.

Хроничниот стрес е фактор и за срцев и мозочен удар, а ризикот се зголемува со нездравите навики по кои посегнуваме, како што е пушењето.

3. Мускулатура

Стресот може да резултира со мускулна тензија. Мускулите на вратот може да се затегнат до тој степен што го отежнуваат движењето на вратот и главата, а се појавуваат и болки во грбот.

Сето ова потенцијално доведува до нерамномерна распределба на тежината во мускулно-скелетниот систем со болни последици како лумбаго или хернија на интервертебралните дискови.

4. Метаболизам

Се смета дека стресот е можна причина за метаболички нарушувања како што се дијабетес тип 2 и висок холестерол.

„Чувствувајќи закана, телото под стрес става во функција повеќе енергетски резерви, и шеќер и маснотии, објаснува Адли. „Во исто време, хормоните на стресот промовираат отпорност на инсулин“, зголемувајќи го нивото на шеќер во крвта“.

Покрај тоа, хормонот на стрес кортизол предизвикува телото постојано да ги надополнува резервите на шеќер и масти, што може да резултира со ставање на располагање повеќе енергија отколку што му е потребно.

Дополнителните шеќери и маснотии можат да придонесат за акумулација на штетни масти во стомакот, да го ограничат протокот на крв, да ги напрегаат крвните садови и да промовираат метаболички нарушувања.

5. Ментално здравје

„Мозокот, а со тоа и психата е многу чувствителен на хроничен стрес“, вели Адли. „Постојаната состојба на будност води до ментални болести, а „најпознатата ментална компликација на стресот е депресијата“, предупредува Адли.

Зголеменото ослободување на кортизол во крвотокот може да има негативно влијание врз концентрацијата, а постојаниот стрес може да предизвика проблеми со меморијата. Бидејќи стресот обично е придружен со анксиозност, тој исто така може да предизвика анксиозност и напади на паника на долг рок.

Значи, ако мислите дека сте хронично под стрес, треба да промените нешто. Добар почеток е да правите редовни паузи за одмор во текот на денот. Тие треба да вклучуваат кратки вежби насочени кон свесноста, како што е фокусирање на дишењето. Редовното вежбање исто така помага.

За трајно да се ослободите од стресот, важно е да ги промените моделите на однесување и размислување кои водат до него, а перфекционизмот е еден од нив. Негувањето пријателства и следењето хоби се корисни.

„Сите овие напори не само што фаворизираат ментална релаксација и позитивни емоции, туку директно ги замолчуваат звуците на постојаниот биолошки аларм на нашето тело“, заклучува Адли.

TRT Balkan / агенции
Популарни