Кортизолот е познат како хормон на стресот. Неговите нивоа драстично растат како одговор на физичка, но и психичка закана. Иако е неопходен за справување со стресни ситуации или избегнување на опасност, постојано високото ниво на кортизол може да направи хаос во организмот.
Според една студија од 2018 година спроведена на примерок од луѓе на средна возраст, стресот не само што ја нарушува меморијата, туку може да биде поврзан и со намалувањето на мозокот.
Интересно е дека некои секојдневни и релативно едноставни активности се покажале како успешни регулатори на нивото на стрес.
Миење садови
Кој би рекол дека миењето садови може да ве ослободи од стресот?! Според една студија од 2014 година објавена во списанието Mindfulness, посветено и концентрирано миење садови може да го намали стресот.
Во рамки на истражувањето, 51 студент биле ангажирани во свесно и контролирано миење садови. Резултатите покажале „зголемување на елементите на позитивно влијание (т.е. инспирација) и намалување на елементите на негативно влијание (т.е. нервоза).“
Со други зборови, исклучете се од надворешниот свет и поминете 15 минути пред мијалникот фокусирани само на валканите садови пред вас. Едноставна антистрес терапија, нели?!
Чистење на домот
Иако според многу истражувања нередот е поверојатно да им предизвикува стрес на жените, сепак чистењето како начин на ослободување од стресот функционира за сите.
Преполн плакар со облека што не ја носите, кујна во која на сите страни има садови, искористени тегли и пластични кутии од сладолед кои ги чувате за „ќе се најдат некогаш“, чевли и јакни од сите сезони на закачалката и подот во ходникот - само ви го зголемуваат нивото на стрес во секојдневието.
Затоа зачистете, средете, здиплете, фрлете или подарете– ќе се чувствувате многу порелаксирано.
Вежбање во група
По долг работен ден вежбањето може да ви се чини како обврска плус но докажано е дека вежбањето го намалува нивото на кортизол, а ендорфините ве прават да се чувствувате посреќни.
Според истражувањето на Американското здружение за остеопатија, вежбањето со група е покорисно за намалување на стресот отколку да вежбате сами дома. Да, на почетокот можеби ќе ви биде непријатно затоа што не сте подеднакво фит и издржливи како останатите во групата, но групните тренинзи може да го намалат стресот за 26 отсто, затоа резервирајте си место во аеробик група и уживајте од првиот час.
Пишување за претходните неуспеси
Терапијата со пишување е позната алатка на психотерапевтите. Конкретно пишување за претходни неуспеси и стресни ситуации всушност функционира како начин на процесирање на ситуацијата што ви предизвикала стрес и градење на отпорност на организмот за идни слични ситуации.
Според студија објавена во списанието Frontiers in Behavioral Neuroscience во 2018 година „Пишувањето за минатите неуспеси ги ублажува реакциите на кортизолот.....пишувањето за претходен неуспех може да му овозможи на поединецот да доживее нов стрес како помалку стресен, намалувајќи ги неговите физиолошки и бихевиорални ефекти“. Звучи парадоксално, но следниот пат кога ќе се соочите со луда ситуација, ќе бидете поотпорни и побрзо ќе го процесирате стресот.
Пеење на цел глас
Сите изговори од типот „не сум талентирана“ „немам слух“ „се срамам“ не важат. Можеби гласно пеење, особено пред други, ви предизвикува страв и анксиозност но вреди да се проба како техника за ослободување од стрес. Неколку студии покажале дека, без разлика дали знаете да пеете или имате талент, пеењето во група може да го намали срцевиот ритам, крвниот притисок и нивото на кортизол и дека било која уметничка активност независно од нивото на вештина обично го намалува нивото на кортизол што значи делува како антистрес терапија.