Истражувачите процениле дека 5,6 отсто од пациентите можат да немаат мирис подолг период     Фото: Ројтерс

Околу пет отсто од луѓето кои прележале коронавирус имаат долготрајни проблеми со сетилата за мирис и вкус, покажале резултатите од спроведена научна студија за оптоварувањата што ги носи долготрајниот Ковид-19.

Изгубеното чувство за мирис беше карактеристичен симптом на коронавирусот од почетокот на пандемијата, но не беше јасно колку често овие симптоми се јавуваат ниту колку долго можат да траат.

Студијата која ги истражувала овие показатели опфаќа податоци од 118 претходно објавени истражувања кои се однесуваат на 3.700 пациенти.

Во најновата студија било откриено дека шест месеци по заразата со коронавирус кај повеќе од четири отсто од пациентите не им било вратено чувството за мирис, а два отсто од пациентите немале чувство за вкус. Сепак не било познато дали се работи за целосно или делумно закрепнување.

Две години без чувство за мирис

Истражувачите процениле дека 5,6 отсто од пациентите можат да немаат мирис подолг период, а кај 4,4 отсто од пациентите може да не се врати целосно чувството за вкус.

Една жена изјавила дека чувството за мирис не можела да го поврати повеќе од две години.

Истражувачите утврдиле дека иако мнозинството пациенти треба да го поврати чувството за мирис и вкус три месеци по заразувањето, сепак голема група луѓе може да има долготрајна дисфункција.

„Тоа бара проблемот да биде навремено утврден, да биде третиран и долготрајно да се следи”, е наведено во студијата.

Дени Алтман, имунолог од колеџот Империјал во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето , изјавил дека станува збор за важна студија.

„Студии како оваа не предупредуваат на скриениот товар на луѓето кои страдаат од долготрајни симптоми. Можеби сметаме дека не треба да се посети лекар од општа пракса бидејќи нема што многу да се направи”, вели Алтман.

Жените имаат подолготрајни проблеми

Истражувањето утврдило дека жените имаат помали шанси да ги повратат мирисот и вкусот од мажите.

Причините за тоа не се јасни, но истражувачите сметаат дека жените имаат подобро развиени мирис и вкус и оттаму имаат повеќе што да изгубат. Истражувањето не наведува од која варијанта на ковид заболеле пациентите.

AFP
Популарни