Научниците процениле дека помеѓу 1990 и 2019 година имало зголемување од 79 отсто на нови случаи на канцер кај луѓето на возраст под 50 години.
Тим од Универзитетот во Единбург и Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Кина ги анализираше податоците од Студијата за глобално оптоварување на болести во 2019 година за 29 видови на рак во 204 земји и региони.
Тие анализирале нови случаи, смртни случаи, здравствени исходи и фактори на ризик кај луѓе на возраст од 14 до 49 години, проценувајќи ја годишната стапка за секоја година.
Резултатите покажале дека имало 3,26 милиони нови дијагнози на рак кај помладите од 50 години во 2019 година, што е зголемување за 79,1 отсто од 1990 година. И смртноста е зголемена за 27,7 отсто.
Иако генетиката веројатно игра улога, научниците предупредуваат дека „главните фактори на ризик за канцер“ се пушењето, консумирањето алкохол и исхраната богата со месо и сол, но со малку овошје и млеко, заедно со прекумерната тежина, ниската физичка активност и високиот шеќер во крвта.
Ракот на дојка зазема најголем удел во случаите - 13,7 на 100.000 луѓе, а најмногу се зголемуваат случаите на рак на душникот и простата со 2,28 и 2,23 проценти годишно.
Сепак, случаите на рак на црниот дроб кај помладите од 50-тите години паѓале за 2,88 проценти секоја година.
Регионите со највисоки стапки на рак кај помладите од 50 години се Северна Америка, Австралија и Западна Европа.
Авторот на студијата, д-р Кјуе Ли, од Центарот за глобално здравје на Институтот Ашер на Универзитетот во Единбург, рече дека ракот кај помладите од 50 години во Велика Британија има „нагорен тренд“ од 1990 до 2010 година, но дека „вкупната стапка на инциденца остана стабилна“. од 2010 до 2019 година.
„За среќа, годишната стапка на смртност од рак во оваа возрасна група во Британија постојано опаѓа, што е доказ за извонредните напори во скринингот и лекувањето на ракот во последните три децении“, додаде таа.
Објавувањето на студијата во списанието BMJ Oncology дојде откако од добротворната организација Cancer Research UK изјавија дека напредокот во лекувањето на ракот помогнал да се спасат 1,2 милиони животи во Велика Британија од средината на 1980-тите.