Ако не консумирате кравјо млеко, но сакате да го зголемите внесот на протеини во организмот, млекото од соја е вистинскиот избор / Photo: Getty Images

Млечните алтернативи од растително потекло многу се разликуваат по вкус, но изборот на овесно, соино, кокосово или бадемово млеко прави разлика кога станува збор за калориската вредност.

За оние кои внимаваат на дневниот внес на калории, бадемовото или кокосовото млеко се најдобрата опција бидејќи содржат само 13 до 21 килокалории (кцал) по децилитар, според податоците на германскиот Центар за советување потрошувачи.

Треба да се има на ум дека ова се однесува само на незасладените пијалоци.

Бадемовото и кокосовото млеко исто така содржат помалку масти од кравјото. Процентот на масти во полномасното млеко е 3,5 проценти, со околу 65 кцал на децилитар. Обезмастеното млеко со содржина на маснотии од 1,5 отсто содржи околу 45 кцал на децилитар.

Доколку не консумирате кравјо млеко, но сакате да го зголемите внесот на протеини во организмот, млекото од соја е вистинскиот избор за вас.

Ова се податоците на германскиот Институт Макс Рубнер, владина истражувачка агенција фокусирана на исхраната.

Едно млеко има поквалитетни протеини

Млекото од соја, кое во просек содржи 38 кцал на децилитар, има подобар „протеински квалитет“ во споредба со млекото од овес и бадем, открија истражувачите на овој институт.

Тие го припишуваат ова на високата содржина на есенцијални амино киселини во млекото од соја. Подобриот квалитет на протеините значи дека телото полесно ги обработува протеините од млекото од соја.

Со оглед на тоа дека овесното млеко се прави од житарки, содржи многу јаглени хидрати и малку протеини.

Во исто време, овесното млеко содржи 46 кцал на децилитар, што е највисоко во споредба со сите алтернативи на млеко од растително потекло, испитани од германски експерти.

Растителните млека за шанкерите, кои често се користат за да се постигне што повеќе пена, обично содржат уште повеќе калории и масти, предупредува Институтот.


TRT Balkan / агенции
Популарни