Истражувањето е спроведено на островот Борнео, дестинација на миграциската рута на повеќе од 50 милиони птици преселници / Photo: AA

Научниците открија докази дека постои можност птичјиот грип директно да се пренесе од птиците преселници на луѓето.

Познато е дека птиците преселници се носители на вирусот Х5, кој може да се пренесе на други животни како живината, па дури и на некои цицачи, но и луѓето се изложени на ризик, покажува истражувањето објавено во стручното списание „Nature Communications“.

Истражувањето е спроведено на островот Борнео, дестинација на миграциската рута на повеќе од 50 милиони птици преселници кои летаат илјадници и илјадници километри низ планетата.

Хана Килм, д-р по студии за хумана генетика на Оксфорд, која го водеше ова истражување, истакна дека порано се верувало дека птичјиот грип се пренесува од птиците на живината, а потоа и на луѓето, но сега е докажано спротивното.

„Борнео е интересно место бидејќи ја поврзува трасата на птиците преселници кои минуваат низ некои од најнаселените области во светот, така што навистина треба да утврдиме дали е можен потенцијален пренос на луѓето“, додаде Килм.

Истражувањето е базирано на примероци од крв собрани во 2015 година во државата Сабах на островот Борнео, а за време на анализата научниците откриле дека испитаните луѓе веќе имале антитела кои реагирале на вирусите на птичјиот грип Х5, што укажува на претходна инфекција.

Истражувањето покажа дека еден процент од 2.000 луѓе во Сабах биле заразени со вирусот Х5, а научниците забележале дека заразените живееле на 10 километри од областите каде што застануваат птиците преселници додека патуваат од Русија до Австралија.

Вирологот Марион Копманс истакна дека клучен фактор што недостасува во истражувањето е дали има циркулација на Х5 меѓу живината околу луѓето во чија крв се пронајдени антитела.

Хана Килм изјави дека нејзиниот тим го разгледал ова, но дека антителата на Х5 се повисоки кај поединците кои живеат во области блиску до диви птици, наместо кај сопствениците на живина.

Неодамна, појавата на птичји грип кај говедата во Америка предизвика тревога и до денес 306 фарми во 14 сојузни држави пријавиле појава на вирусот Х5Н1, додека 25 лица, кои се претежно работници на млечни фарми, исто така се заразиле со оваа болест.

Во списанието беше наведено дека постои голема опасност бидејќи живеалиштата на птиците преселници се уништуваат поради промените на нивото на морето, а тоа може да доведе до контакт на овие птици со луѓе.

Во Малезија има 13 најважни точки каде птиците преселници застануваат, од кои четири такви места се токму во Сабах, областа каде живеат испитаниците за кои постои сомневање дека се заразиле со грип преку директен контакт, се вели во истражувањето.


TRT Balkan / агенции
Популарни