Речиси секој десетти жител на планетата е дијабетичар и се проценува дека од ова нарушување страдаат над 530 милиони луѓе ширум светот. Годишно се пресметува дека околу 7 милиони луѓе глобално умираат како последица на дијабетес.
На светскиот ден за борба против дијабетесот се истакнуваат главните пораки дека оваа болест може да се превенира со соодветен животен стил и намалување на ризик факторите како што се консумација на цигари, заситени масти и зголемување на физичката активност, односно по најмалку 30 минути во денот поминати на активен начин.
Со овие чекори може да се одложи заболувањето дури и кај лицата кои имаат генетски предиспозиции за дијабетес.
Светскиот ден за борба против дијабетесот се одбележува секоја година на 14 ноември, роденденот на Фредерик Бантинг кој заедно со Чарлс Бест пред 100 години го открија инсулинот, односно изолирањето на хормонот во панкреасот со кој се регулира нивото на шеќер во крвта на вештачки начин.
Расте бројот на дијабетичари
Сепак, и покрај јавните кампањи за подигнување на свесноста кај населението и медицинските иновации кои го подобруваат квалитетот на живот и натаму дијабетесот е се повеќе распространет.
Според прогнозите на СЗО до крајот на 2030 година околу 650 милиони луѓе ќе бидат дијабетичари. Речиси половина од заболените поминуваат долго време без соодветна дијагноза, односно не ги контролираат и не реагираат на раните знаци на дијабетес.
Во Европа се проценува дека околу 65 милиони луѓе страдаат од дијабетес, а товарот врз здравствениот систем изнесува околу 200 милијарди евра. Во земјите од Западен Балкан каде се застапени повеќе видови на хронични заболување како кардиоваскуларни и белодробни болести, комбинацијата на дијабетес е една од најголемите закани и ризик фактори за фатален исход.
Во студијата на „Здравјето на земјите од Западен Балкан“ на Кевин Ригер, според параметрот „Животни години прилагодени на попреченост“, поголем раст на лица со дијабетес има во Северна Македонија и Албанија.
Во овие две земји расте како бројот на фатални исходи, така и на луѓе кои во континуитет се соочуваат со здравствени предизвици наметнати од дијабетесот, додека пак овој индикатор во Србија, БиХ и Црна Гора се намалува.
Живот и по дијагнозата
Дијабетесот е хронично заболување за кои сепак, постои третман преку инсулинска терапија и постојано следење на состојбата.
За пациентите најважно е да постојано да биде достапна инсулинската терапија но, и да се вложува во придружни терапевтски и здравствени услуги, групи за поддршка и јавно достапни информации за препознавање и третирање на симптомите.
Вложувањето во иновации за третирање дијабетес вклучуваат и напредни методи на внес на инсулин со подолготрајно дејство, помала потреба од користење на инјекции и боцкање, како и подобри методи и техники на детекција на дијабетес во рана фаза, па дури и возбудливи истражувања кои работат на наоѓање на целосен лек за искоренување на дијабетесот.