Американските здравствени власти го потврдија првиот случај на полио во САД во последните десет години, откако на возрасен жител на Њујорк му била дијагностицирана заразата.
Тестирањето покажа дека случајот на високо заразниот вирус на детска парализа, кој е регистриран во округот Рокланд, можеби потекнува надвор од САД, соопшти Министерството за здравство на државата Њујорк.
„Го испрашуваме семејството и блиските на ова лице за да ги процениме ризиците за заедницата“, рече на прес-конференција комесарот за здравство во округот Рокланд, нагласувајќи дека пациентот повеќе не е заразен.
Во соопштението на министерството се наведува дека лицето било заразено со полиовирус тип 2, кој потекнува од орална вакцина против детска парализа која се користи во многу земји, а во САД не се користи од 2000 година.
Инертната вакцина против полио, која се дава во три дози во САД, обезбедува речиси 100 отсто имунитет.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кој ја потврди дијагнозата на полио, изјави дека од 1979 година не е регистриран ниту еден случај кој потекнува од САД. Имено, последната позната инфекција со полио од кој било вид била поврзана со орална вакцина од 2013 година, објави Ројтерс.
Детската парализа е често асимптоматска, но може да предизвика симптоми слични на грип, како што се болки во грлото, треска, замор и гадење, соопшти ЦДЦ.
Во мал број случаи, вирусот може да го нападне нервниот систем и да предизвика трајна парализа.
Не постои лек за полио или детска парализа, но инфекцијата може да се спречи со вакцинација. Со употребата на масовна вакцинација, случаите на детска парализа се драстично намалени во развиениот свет.
Во 1988 година, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ започнаа кампања за искоренување на оваа болест. Првата вакцина против детска парализа стана достапна во 1955 година.