Спасувачки тим во јужната турска област Хатај, пронајде живо куче од под урнатините 22 дена по разорните земјотреси. Станува збор за куче од расата сибирска хаска со име Алекс, кое поминало повеќе од три недели под урнатините во провинцијата Хатај, извлечено е исцрпено, но живо.
"Вчера добивме повик, сопствениците ни кажаа дека слушнале звук на куче. Иако не беа сигурни отидовме до урнатините и мислев дека слушнав како дише куче", изјави за медиумите Осман Полат, еден од спасувачите.
Како што рече тој, во урнатините имала мала дупка низ која по рачно ископување дошле до кучето.
„Вистинско чудо е што кучето по толку дена останало живо под урнатините и тоа без храна и вода“, рече спасувачот.
Десетици мачки и кучиња спасени се на сличен начин додека спасувачите се обидувале да дојдат до луѓето заглавени под урнатините.
Бројот на загинатите во разорните земјтореси што го погодија југот на Туркије се зголеми на 45.089, соопшти Државната агенција за справување со катастрофи (АФАД).
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски области на 6 февруари: Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.
Од земјотресите во Туркије погодени се над 13 милиони луѓе, како и многу луѓе во северозападна Сирија.