Емотивна средба по 27 години меѓу доктор и пациент во БиХ     Фото: АА

Животот на Емсада Чаго, сега веќе мајка на две деца од Босна и Херцеговина, драстично бил сменет во текот на војната во раните 90-ти, и тоа благодарение на интервенцијата на доктор, тогашен потпоручник кој служел во турскиот контингент на мировните сили на Обединетите Нации.

„Моите родители сакаа да ме лекуваат тука. Тие беа тешки времиња“, се присетува Емсада.

Во време на војна, малата Емсада не била соодветно третирана од локалниот медицински персонал. Таа имала деформитет на стапалото и ѝ била неопходна итна операција, за да може да оди самостојно и без пречки.

„Докторот беше повеќе од разочаран од претходните операции кои ми ги направија за мојата состојба со така да ги кажам посебни деформитети на моето стапало. Откако ги направивме операциите по две години почнав самостојно да одам“, се сеќава Чаго.

„Во тие години ја запознав Емсада. Мислам дека имаше две-три години и имаше деформитет на стапалото. Таа не можеше да биде соодветно третирана. Ја оперирав во локалната болница. Потоа воспоставивме добри односи со семејството, бидејќи селото во кое живееја беше близу“, вели д-р Мустафа Џан Косај.

Три децении подоцна, за првпат, повторно се обединија Емсада и Џан, откако нејзиното семејство го изгубило контактот со докторот, бидејќи промениле адреса како бегалци од војната.

Џан откако ја исполнил должноста никогаш повторно не се вратил во БиХ, а од неодамна бил контактиран од Емсада преку социјалните мрежи. Повторниот контакт ги доведе до емотивна средба во Зеница.

„После многу години ме пронајде на социјалните мрежи и почнавме да се допишуваме. Во Сараево допатував поради работен состанок, а претходно и пишав на Емсада. Беше многу возбудена што ќе дојдам“, изјави д-р Косај.

Емсада за докторот подготви и посебен подарок, колаж на заеднички фотографии кои биле направени по операцијата, пред речиси три децении.
Не можејќи да ги сокрие солзите, таа се потсети на операцијата која ќе и го промени животот целосно.

„Доктор Џан во тоа време ни пружи посебна поддршка. Тоа беа прекрасни луѓе кои многу му значеја на нашето семејство. Тие беа повеќе од доктори, ни беа пријатели“, рече Емсада.

AA
Популарни