Од Скопје до Мека со велосипед / Photo: AA

Двајца велосипедисти од Балканот вчера го започнаа предизвикувачкото патување со велосипед „Од Скопје до Мека 2024“, со цел да го исполнат петтиот столб на исламот, аџилакот.

Станува збор за 57-годишниот Ќамуран Хирда од Скопје и 60-годишниот Адем Аљиќ од Грачаница, Босна и Херцеговина.

Хирда, алпинист и велосипедист, вели дека и покрај тоа што долги години се занимава со велосипедизам, за ова патување му била потребна поспецифична психолошка, физичка и финансиска подготовка.

Тој потсети дека и порано преземале слични велосипедски патувања од Балканот до Чанаккале за да им оддадат почит на загинатите, но нагласи дека одењето на аџилак до Мека со велосипед е многу поголем предизвик.

„Овој пат ќе биде малку поинаку, ова е мојот најголем предизвик. Ќе бидат приближно четири илјади километри. Рутата ни е од Скопје, преку Бугарија до Туркије. Преку Чанаккале одиме до Бурса, Коња, до крајот на Туркије таму на граница со Сирија, до Адана или Газиантеп“, рече Хирда.

Од Скопје до Мека со велосипед AA

„Со велосипед уживам во природата и во сè друго, како што Господ ги создал“

Иако сакале целото патување да го направат со велосипед, тој вели дека тоа не е можно поради војната во Сирија, па со авион ќе патуваат од југоисточниот дел на Туркије до Аман, Јордан. Оттаму тие повторно ќе го продолжат патувањето со велосипед до Мека.

Вели дека нема да брза за време на патувањето и планира да го заврши за два месеци, иако може и порано. Хирда рече дека ќе застане и ќе посети различни градови на патувањето, запознавајќи се со традициите на градовите, џамиите и спомениците.

„Во меѓувреме, зошто да не, да уживаме во оваа прекрасна пролет што ни доаѓа, со ова убаво зеленило, да уживаме во планините, езерата, реките, и сето она што ќе го гледаме пред нас. Некои ми велат 'зошто не одиш со авион, зошто одиш со велосипед?' Има некој што не може да разбере. Велам 'со велосипед гледам сè пред мене, уживам во природата и во сè друго, како што Господ ги создал'. Сакам да уживам на овој начин. Религиозната обврска што ја имам, сакам да ја исполнам на овој начин“, изјави Хирда.

Тој вели и дека преку своето патување сака да пренесе порака за подигање на еколошката свест.

„Го правам ова патување илјадници километри со велосипед, на крајот, за да му пренесам порака на населението 'Не возете автомобили, држете се подалеку од автомобилите, возете велосипеди. Не загадувајте го воздухот'“, рече Хирда.

„Семејството ме поддржа и тоа ми е многу важно“

Заедно со велосипедистот Ќамуран Хирда патува и 60-годишниот Адем Аљиќ, лекар од Грачаница, Босна и Херцеговина.

Тој веќе има поминато околу 700 километри само за да стигне од Босна и Херцеговина до Скопје и вели дека е подготвен за ова патување и физички, и психички.

Аљиќ вели дека ќе пости и за време на патувањето, бидејќи ова патување не го сфаќа „како екскурзија“.

„Живееме во најтешкиот период од почетокот на историјата откога човечката нога стапнала на Земјата, така што пред крајот на животниот и работниот век, одлучивме јас и мојот пријател Ќамуран да ја извршиме петтата исламска должност, аџилакот, иншалах“, рече Аљиќ, додавајќи дека имал поддршка и од семејството.

„Семејството ме поддржа и тоа ми е многу важно. Би сакал да кажам дека не би имало смисла доколку се тргне на овој проект, а некого оставаме во тага, сиромаштија и од тој аспект сѐ е во ред“, истакна тој.

AA
Популарни