Берберот Ермин: Со акцијата „Се шишам и донирам“ им помагаме на децата / Photo: Фото: ТРТ Балкан

Ермин Чулевиќ од Скопје е бербер кој професионално со овој занает се бави над 17 години. Веќе третпат во неговата кариера тој организира хуманитарни акции во рамките на кои со средствата собрани од шишање се лекуваат болни луѓе.

Последната акција, во време кога ја проширува својата работа во нови простории, тој ја посветува на дете болно од леукемија сакајќи преку личен пример да покаже дека секој на свој начин може да му помогне на оној кој е во потреба. За хуманитарната акција „Се шишам и донирам“, за берберскиот занает, но и за животното исуство Чулевиќ говореше во интервју за ТРТ Балкан на македонски јазик.

„Идејата за хуманитарната акција „Се шишам и донирам“ моја бидејќи се водам по тоа мое лично искуство. Веќе имав јас во моето семејство, мојата ќерка помина низ истото и сметам дека со мојот занает можеме да помогнеме колку-толку некому што навистина му е потребно. Не е некоја круцијална помош, меѓутоа, зошто да не? Колку можеме ќе помогнеме“, вели Чулевиќ.

Во текот на досегашната кариера, тој објаснува дека во неколку наврати организирале хуманитарни акции со цел да им помогнат на луѓето кои се лекуваат од разни болести, а кои имаат потреба од средства поради високите трошоци за лекување. Сега, во време кога го проширува бизнисот, на симболичен начин сака да му се одолжи на општеството и повторно да биде општествено корисен преку организирање хуманитарна акција со иста цел.

„Ова е третпат како правиме јавен повик или хуманитарна акција при што помагаме кај оние што е најпотребно. До сега се одразило многу добро дури и одлично. Меѓутоа, сега третпат, со оглед дека се работи за отворање на наш втор берберски салон очекувам и одзивот на луѓето што ќе се приклучат кон хуманитарната акција да биде поголем“, вели Чулевиќ.

Тој открива и своја лична приказна. Имено, пред неколку години неговата мала ќерка боледувала од леукемија, но за среќа со сите напори на семејството и напорите на лекарите, ќерката Дарија успеала да ја победи болеста.

„Ова е мојата ќерка се лекуваше од 2021 година до крајот на 2022. Успешната приказна е тука. Еве го крајот каде што таа излегува“, вели Чулевиќ додека на екипата на ТРТ Балкан и ги покажува сликите и снимките од деновите на лекувањето во болница на неговата ќерка и моментот кога таа ја завршила последната терапија.

„Искрено би сакал сите родители кои се мачат со ова да ја почувстуваат таа среќа. Нивното дете да излезе здраво и живо од таму (болница) и да нема последици никогаш“, порачува берберот Чулевиќ за крај на разговорот.

TRT Balkan
Популарни