Македонската метропола Скопје некогаш била порепознатлива по бројни традиционални занаети, а меѓу нив и чистењето чевли. Денес, голем број од занаетите изумреле, останале само некои од старите добри навики на луѓето. Една од тие навики е и да ги чистат чевлите кај Руфат Иљаз.
Тој е последниот чистач на чевли на скоспкиот плоштад.
Во разговор за ТРТ Балкан тој раскажува дека со овој занает започнал да се занимава пред повеќе од 20 години на улица Македонија, во срцето на центарот на Скопје.
„Ова е стар занает. Можеме да кажеме дека е еден од најстарите занаети. Уште пред земјотресот (1963 година) оваа работа се работеше, но тоа беше друго време. Имаше работа“, раскажува Руфат присетувајќи се на почетоците.
Нагласува дека иако и денес има луѓе кои сакаат токму тој да се погрижи нивните чевли да бидат чисти, факт е дека овој занает како и многу други изумира, а со тоа и убавината на старите добри традиции во градот.
„Овој занает не те остава гладен, нешто од нешто ќе извадиш. Но ако се прави споредба со пред неколку години има голема разлика. Занаетот треба да се негува за да опстане, а овој занает не изумира, туку слободно можам да кажам дека изумрел. Но јас останав упорен“, вели Руфат.
„Чистењето чевли е процедура“
Овој чистач на чевли открива дека иако изгледа дека овој занает е лесен, сепак, има свои тајни, кои добрите мајстори треба да ги знаат.
Кога го прашавме како се чистат чевлите, Руфат објасни дека најпрвин со посебна четка треба да се исчисти насобраната прашина на обувките, а потоа се преминува на останатото.
„Потоа, на чевлите им ставаме еден вид заштита. Да се заштити кожата, од снег, од вода, од било кои временски непогоди. Потоа доаѓа гланцањето, за што имаме посебни четки. Финишот доаѓа со „гланцањето“, кога со крпче што мора да биде кадифе или плиш за да може да се „гланца“ завршно и веќе тоа го дава сјајот“, вели Руфат несебично откривајќи ги тајните на заенаетот.
Со текот на годините Руфат со занаетот стекнал бројни пријателства.
„Овој занает е контакт и комуникација секој ден со луѓето. Со некои од нив се спријателив, знаеме да се напиеме кафе, да поразговараме и во тоа е убавината на ова што го работам. За жал, времињаа се сменија, луѓето како да имаат се помалку време за себе. Постојано некаде брзаат, а и помалку се смеат“, вели Руфат.
За крај на разговорот на младите им порачува „да бидат вредни, да имаат визија за себе и да знаат што сакаат. “
Според него, упорноста е еден од клучните фактори за успех на секое поле.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век чистењето чевли означувало еманципирање на градот. Чистачите на чевли можеле да се сретнат на скопскиот плоштад на улица Македонија, но и во Старата скопска чаршија.
Денес на скоспскиот плоштад освен последниот чистач на чевли Руфат, може да се види скулптурата посветенана скопските чистачи на чевли, која говори за едно поинакво време и едни поинакви луѓе. Време, во кое чистењето чевли бил секојдневен ритуал.