Скопје во 1972 година бил домаќин на јубилејната 20-та шаховска олимпијада.
64 полиња, 32 фигури, два крала и само еден победник. Тогашната организација на најстарата стратешка игра која илјадници години го фасцинира човековиот ум, беше прогласена за најдобра дотогаш. За првпат шахистите беа рангирани и соочени според ИЛО рејтингот на поени воведен од Меѓународната шаховска федерација - ФИДЕ.
Советскиот сојуз со десет последователни злата, во Скопје доаѓа со моќна селекција. Предводена е од врвните велемајстори, позициониот крал Анатолиј Карпов, магионичарот од Рига Михаил Таљ и брилијатните стратези Корчној, Петрозијан и Смислов.
Американскиот шаховски гениј Боби Фишер одбил да настапи во македонската престолнина. Барал посебна просторија во која само тој и противникот ќе бидат на таблата. Организаторите не попуштиле под притисокот на тогашниот светски шампион. Фишер сепак, претходно бил во Скопје на меморијалниот турнир во сеќање на жртвите од земјотресот.
Без него не настапил ниту Борис Спаски кој пред само неколку месеци претрпел тежок пораз за светската титула, во меч кој САД и СССР го претставија како шанса за доминација на светската сцена во екот на студената војна.
Иако ослабени, Советите победуваат пред унгарските шахисти кои освојуваат сребро, додека пак домаќинот тогашната Југославија слави со бронзен медал. САД, Чехословачка и Источна Германија се најголеми разочарувања на олимпискиот турнир.
Македонските шахисти на Југославија освојуваат златен медал во егзибициите за решавање шаховски загатки.
Ова е прва олимпијада на која во исто време и на исто место се бореле и женските шаховски репрезентативки, а таа традиција трае и до ден денес.
Дубровник (1950) и Нови Сад (1990) биле единствените југословенски градови домаќини на шаховска олимпијада, а во поновата историја словенечкиот Блед беше домаќин во 2002 година.