Исчезнува традицијата на бојадисување ткаенина во Нигерија     Фото: АА

Техниката на бојадисување ткаенини, која повеќе од шест века се практикува во Нигерија, е во опасност од исчезнување.

Во северот на земјата, во местата како што се Кано, Кадуна и Катсина, има јами за бојадисување на домашните ткаенини. Се користат традиционални техники, кои не се променети со години. Бојата добиена од дрвото индиго се остава да ферментира во вековните бунари неколку месеци, а претходно со додаваат пепел и некои додатоци.

Подготвените ткаенини на крајот се омекнуваат со удирање со дрвени чекани, а ткаенината по перењето се исправа сама и нема потреба од пеглање.

Небесно сините ткаенини, кои ги содржат сите нијанси на сино, се продаваат во Африка и на Блискиот Исток.

Традицијата, која некои нигериски занаетчии се обидуваат да ја продолжат, е во опасност од исчезнување поради фабричките производи и евтината кинеска стока.

Фото: AA

Се користат локални и природни материјали

Абубакар Хамису Бабалија работи во јами за боја во Кофар Мата во нигериската држава Кано. Вели дека Кано е еден од најважните трговски центри во Западна Африка и дека секој трговец во регионот сака да тргува во овој регион.

Тој раскажа дека првата јама за бојадисување во Кано била основана од трговец од Катсина во 1498 година, и рече:

„Процесот на бојадисување на ткаенината во регионот започнал со една јама, со текот на времето бројот на јамите се зголемил. Многу години, овие јами беа извор на егзистенција за локалното население.“

Фото: AA

Наведувајќи дека уникатните дизајни на ткаенините се создаваат од жените кои дома материјалот го извртуваат и врзуваат на различни начини, Бабалија рече дека врзаните ткаенини потоа се носат на бојадисување.

Бабалија, посочувајќи дека овие ткаенини луѓето ги користат долго време без да се оштетат, рече: „Атрактивноста на ткаенините во голема мера се должи на локалните и природните материјали што се користат за боење.“

Младите претпочитаат готови ткаенини

Традицијата за боење на ткаенините е во опасност да исчезне како што поминува времето, бидејќи младите претпочитаат готова облека и ткаенини.

Некои традиционални нигериски производители велат дека со влезот на кинеската стока на пазарите, неквалитетните производи се продаваат по ниски цени. А тоа фрла сенка врз нивниот вложен труд.

Нагласувајќи дека луѓето порано покажувале голем интерес за нивните ткаенини, Бабалија рече: „Овде има 144 јами за бојадисување, но активно користиме само 20 бунари поради намалената работа.“

Потенцирајќи дека младите повеќе не ја претпочитаат оваа професија, Бабалија додаде дека повеќето луѓе претпочитаат готови ткаенини наместо бојадисани.

Меѓу другото, Бабалија посочи дека порано во земјата доаѓале голем број посетители од странство, но од неодамна странските посетители не можат да доаѓаат поради зголемените безбедносни проблеми во земјава.

Подвлекувајќи дека историските традиции за боење ткаенини треба да се зачуваат, Бабалија нагласи: „Доколку Владата продолжи да нѐ поддржува и ги купува нашите производи и ги охрабрува луѓето да работат, оваа професија и култура ќе продолжат да опстојуваат.“

AA
Популарни