Како и беше сопрен патот на охридската јагула?      Фото: TRT Balkan

Охридската јагула, која живее во едно од најстарите природни езера на планетата, и натаму нема природен пат на мрестење до Саргаското море, откако пред речиси шест децении беше сопрена од браните на реката Црн Дрим. Во последните десетина години постојано се ветува дека ќе се изградат канали во браните за полесно движење на јагулата, но овие проекти стојат само на хартија и тешко оди издвојувањето финансии.

Уникатен вид кој е загрозен

Охридската и останатите европски јагули се вистинско чудо на природата и едни од ретките кои умираат штом се размножат и остават поколенија. Јагулата кога ќе стане возрасна го започнува патешествието од реките и езерата преку Атлантскиот океан.

Во Саргаското Море во близина на Бахамите се размножува и ги положува икрите. Потоа и машките и женските возрасни единки умираат. На развиените ларви им се потребни неколку години за да се оформат и со влијанието на Голфската струја повторно се враќаат во местото на живеење на нивните родители.

Генетската меморија е клучна за јагулите да го продолжат овој импресивен животен циклус кој единствено го попречува само човекот, секаде каде што се градат брани за хидро-енергија.

Пат од речиси 7.000 километри

Јагулата од Охридското Езеро како и останатите јагули од европските слатки води патува од 5 до 7 илјади километри за да се мрести, се до Саргаското Море во близина на Хамилтон на Бахамите.

Оваа слатководна змијовидна риба беше попречена на нејзиниот пат во 60-те години од минатиот век. Тогаш започна изградбата на браните за новите хидроцентрали за производство на електрична енергија. Височината на браните на македонска и албанска страна не и дозволува на јагулата да го пронајде патот од речиси 7.000 километри.

Првата брана на реката Црн Дрим беше изградена во 1965 година со што се создаде вештачката акумулација Глобочица. Браната е висока 90 метри од темелот, а долга 270 метри. Во ова вештачко езеро на кое е дозволен спортски и рекреативен риболов дозволено е да се лови јагулата.

Сега мрестењето на јагулата во Охридското и вештачките езера се врши од страна на човекот. Единките кои се собираат пред браната се ловат, а дел се селектираат за повторно размножување и порибување. Со сите препреки и нарушување на природното мрестење охридската јагула како вид е речиси пред исчезнување.

Планови има, финансии нема

Во предложениот „План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план“ за периодот до 2029 година, изработен според стандардите на УНЕСКО, нема ништо конкретно наведено за заштита на јагулата како уникатен вид, ниту визија за конечна изградба на водените канали или т.н. лифтови кои ќе овозможат ова водно суштество да се врати на природниот пат на мрестење.

Се проценува дека изведбата на проектот инициран од повеќе професори меѓу кои и Зоран Спирковски научник и долгогодишен соработник на Хидробиолошкиот завод во Охрид, ќе чини неколу стотина илјади евра. Но, засега нема интерес ниту кај државните институции, ниту кај меѓународните организации за заштита на животната средина и спас на загрозените видови.

Според научниците, ако се воспостави повторно природниот пат од Охрид преку реката Црн Дрим, Средоземното Море и Атлантикот, јагулите благодарение на генетиката повторно ќе го добијат основниот инстинкт за мрестење преку океанот, а со тоа ќе се зголеми и нивниот фонд во балканскиот бисер.

TRT Balkan
Популарни