Седум факти за Ромите и нивниот Меѓународен ден - 8 Април / Photo: AA Archive

Во продолжение, ТРТ Балкан ви претставува неколку интересни факти за Ромите во Северна Македонија, како и за Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април.

Од 2001 година Ромите се дел од македонскиот Устав

Припадниците на ромската заедница се дел од Уставот од 2001 година, признаени како етничка заедница. Според Пописот од 2021 година, во Северна Македонија живеат околу 2,34 отсто Роми (49.104), а некои невладини организации, повикувајќи се на своите истражувања, велат дека оваа бројка е поголема.

Шуто Оризари: Единствена општина во Европа со градоначалник Ром

Во скопската општина Шуто Оризари, во која Ромите се мнозинско население, ромскиот јазик е официјален. Според наводите на ромските претставници, оваа општина е единствена во Европа чиј градоначалник е Ром. Освен во оваа општина, од 85 општини во земјата, во 50 живеат припадници на ромската заедница. Ромскиот јазик е службен и во општина Куманово.

Ромка пратеничка во македонското Собрание

На македонската политичка сцена, низ годините наназад, во македонското Собрание и Владата имало Роми пратеници и владини функционери.

Во актуелниот парламентарен состав направен по изборите во 2020 година, долгогодишната активистка во граѓанскиот сектор Љатифе Шиковска е единствената пратеничка Ромка која успеа да се избори за место во парламентот.

Личните документи: Најголем проблем на Ромите

Во своите јавни настапи пратеничката Шиковска истакнуваше дека според неа најголемиот проблем на Ромите во земјава е личната документација, при што нагласува дека некаде околу 700 лица официјално немаат лична документација (извод, лична карта, државјанство). На товие лица им е ограничен пристапот до институциите и остварување на правата. Неофицијално се смета дека оваа бројка е поголема.

Пратеничката Шиковска, која воедно е и претседателка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите во Собранието на Северна Македонија во текот на оваа недела истакна дека Меѓународниот ден на Ромите е можност да се потсетиме на обврските во остварување и заштита на човековите права и да ги потврдиме обврските во промовирање на еднаквост и недискриминација врз Ромите во Северна Македонија.

„8 Април претставува извор на темелните вредности за идентитетот и битието на Ромите од целиот свет. Денес Ромите се реалност и претставуваат значаен фактор во општеството“, рече Шиковска.

Како пратеничка, таа повика да се искористат постоечките ресурси од ромската заедница; да се обезбеди партиципативно учество во носењето одлуки за политики на интеграција на Ромите засновани врз факти и аргументи; сигурност дека државата ќе се грижи за развојот на ромската заедница преку буџетирање на конкретни програми, наменети за инклузија и интеграцијата на Ромите; зголемување на јавниот буџет на централно и локално ниво за директна поддршка на ромската заедница.

Кралица на ромската музика

Во сферата на културата, Ромите можат да се пофалат со извонредни музичари, а меѓу нив најпозната е пејачката и хуманитарката Есма Реџепова од Скопје. Таа почина во декември 2016 година. Во текот на својата музичка кариера, Есма се стекна со епитетот Кралица на Ромската музика во светски рамки. Есма зад себе остави огромно музичко наследство и бројни почитувачи на нејзиниот лик и дело. Во поглед на медиумското претставување, вреди да се истакне дека во земјава Ромите имаат телевизиска и радиоемисија која се емитува на јавниот медиумски сервис (МРТ), а исто така и приватни медиуми на ромски јазик.

Меѓународниот ден на Ромите прогласен во 1990 година

Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април е прогласен официјално во 1990 година во Сероцк, Полска, на местото каде што се одржа четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија, во спомен на првата меѓународна средба на ромските претставници одржан во Челсфилд, во близина на Лондон, од 7 до 12 април 1971 година.

Ѓелем, ѓелем: Ромска химна

На тој конгрес донесена е одлука за ромската химна, за која е избрана песната „Ѓелем, Ѓелем“ (ромски: Одев, одев) и одлуката за ромското знаме кое се состои од сина и зелена боја кои ги претставуваат небото и земјата. На средината на знамето се наоѓа тркало, црвена чакра, кое ја претставува миграцијата на Ромите.

TRT Balkan
Популарни