Светот на непознатото и недопреното преку објективот на Билјана Јуруковски / Photo: Фото: ТРТ Балкан

Билјана Јуруковски е македонска фотографка од светски глас. Таа со фотографија започнала да се занимава пред 10 години. Низ нејзиниот објектив таа има за цел да прикажува различни луѓе и нивен начин на живот, но само во области и земји што останале недопрени од модерниот свет. Патувала во повеќе од 30 земји, меѓу кои: Индија, Етиопија, Монголија, Непал, Ангола, Куба, Мексико, Кина, Виетнам, Јапонија, Тајланд и други.

Во интервју за ТРТ Балкан, таа говори за љубовта кон фотографијата, нејзиното значење во поширока смисла на зборот, нејзината кариера како и досегашното богато искуство.

„Со фотографија започнав да се занимавам пред точно 10 години, 2014-та година. И еден од клучните моменти беше, во моите раце се најде книгата на еден познат фотограф- Џими Нелсон, кој што ги имаше фотографирано некои од најодалечените племиња кои се најдуваат во Африка и во некои други делови на светот. Така се створи една желба дека би сакала да ги посетам тие племиња. Првично беше интересот кон племињата и после тоа кон нивните различни култури, традиции, церемонии”, раскажува Јуруковски.

Светот на непознатото и недопреното преку објективот на Билјана Јуруковски Others

Како што вели во интервјуто, тoa бил клучниот момент каде што таа донесува одлука дека сака да започне да се занимавам со фотографија и тоа специфично само на домородни луѓе, кои што си ја имаат зачувано културата и традицијата.

Јуруковски се осврна на нејзините експедиции, поточно какви искуства имала со домородните луѓе низ цела Африка; животот таму, нивните традиции, ритуали, накит, облека итн. Исто така, неповолностите, тешкотиите низ кои се наоѓале додека престојуваат таму како и необичните, мистичните незаборавни моменти.

Патешествијата со домородните луѓе

„Можам да речам дека Сурите, коишто се народ што живее во Етиопија, во Омо долината; за мене досега се најинспиративните луѓе коишто постојат. И слободно можам да речам дека од нив имам научено премногу работи. Иако се домородни луѓе и многу од нас во модерниот свет не можеме да ги разбереме и мислиме дека се, ете, нецивилизирани…сепак живееме со некои предрасуди, или некои луѓе живеат со некои предрасуди, доколку нешто не се совпаѓа во тој модерен свет, се потенцира дека се нецивилизирани. Но, тие се фасцинантни исто така, од причини што имаат голема поврзаност со природата, тие живеат за природата”, раскажува Билјана за луѓето кои исто така ги нарекува и ментори кои придонеле многу за нејзиниот личен развој и правецот на уметност што го избрала.

Светот на непознатото и недопреното преку објективот на Билјана Јуруковски Others

„Специфично за Бенин и причината што заминав во Бенин беше да фотографирам некои од вуду ритуалите. Беше интересна експедиција. Вудуто е верување дека се она што не опкружува, фактички, има душа. Тука зборуваме за камењата, планините, за реката, за дрвјата, и исто така дел од Вуду религијата е верување во предците. Како религија е анимистичка религија, со верување во различни богови; имаат преку 100 богови во кои веруваат”, пренесува Јуруковски за нејзината последна експедиција.

Креативноста преку објективот

Потенцира дека „фотографијата е до некој степен некаков интимен процес и сепак земаш дел од нив (домородното население) со самата фотографија, земаш еден дел од нивната душа.“ „Мурсите, во Етиопија се едни од најзлоогласените племиња од причина од нивната агресивност. Од причини што се нонстоп изложени на помеѓу племенски војни. Така што, ние треба да се приспособиме на условите што се таму за да можеме да работиме и да го достигнеме она што се достигнува во една фотографија“, појаснува Јуруковски.

Додека раскажува за нејзината пасија кон фотографијата, нагласува и дека покрај фотографијата, таа исто така и слика. Работи со сликање на платно, на канвас, со сликање на текстил и најново со сликање на мурали.

„Овој мурал е мое дело, на коешто сѐ уште работам. Дел од тој ѕид, е инспириран од Боголани, тоа се посебни симболи кои што се користат во некои од племињата во Африка. Сакам да поменам, дека сите овие симболи не се случајни, туку имаат свое значење. Било да е Африка, домородните луѓе во Африка или домородните луѓе во Австралија, како што се Абориџините, немаат писмо. Нивните приказни се прикажани преку симболи.”

Посебно фасцинантно е нејзиното излагање за положбата на жените во Африка и како таа како жена се чувствува во текот на нејзиниот престој и како е прифатена од домородното население.

Светот на непознатото и недопреното преку објективот на Билјана Јуруковски Others

Жените столбот на Африка

„Жените се ‘рбетот на Африка. Тие се одговорни за фамилијата, за одгледување на децата. Жените се истовремено и уметниците, тие се оние коишто ги изработуваат сите тие накити, тие се оние што ги градат колибите, или нивните куќарки, додека мажите претежно се грижат за добитокот. Како жена, секој пат сум била прифатена во нивните заедници. Еве 10 години работам во Африка, и во ниеден момент не сум осетила дека ме гледаат со непочит, секој пат сум била третирана од домородните луѓе, било дали од мажите, било дали од жените, со почит.”

Маските на Куба Кралството

Интересен е начинот на кои домородните племиња низ цела Африка имаат свои препознатливи обележја истакени преку нивната облека, обичаи и традиции, како што Билјана раскажуваше за значењето на маските на Куба Кралството во Конго.

„Куба Кралството, во Конго, е едно од понедостапните делови во Африка и од тие причини на прсти се бројат колку фотографи досега се појдени во тој дел на Африка. Ова се трите кралски маски, од Куба Кралството. Овие три маски се подарок од принцот на Куба Кралството, од причина што јас бев третата жена во целиот свет што има влезено во тој дел на Конго; што има работено со самите домородни луѓе. Тие ја кажуваат приказната за почетокот на Куба Кралството. Самите маски имаат огромно значење, самата изработка. На нив има доста монистра и одзема долг период да се направи една маска. Монистрата се доста скапи и имаат голема вредност. Школките во Африка имаат огромно значење и огромна вредност и се носени, на времето, од луѓе од повисок ранг. Школките во Западна Африка се користени како платежно средство”, открива Јуруковски.

Желбата и љубовта кон истражување

„Кога човек ќе се реши да ја работи оваа работа, тоа е еден пат што ти како човек го одбираш. После првото патување, се решаваш- или престануваш или продолжуваш напред и тоа е тоа, без разлика на сѐ. Имаш цел, а целта е да оставиш нешто за следните генерации што доаѓаат”, порачува Јуруковски на крајот од интервјуто за ТРТ Балкан.

TRT Balkan
Популарни