Масовните гробници станаа неопходно решение за жителите на Газа кои се соочени со неверојатен број жртви додека влегуваат во вториот месец од разорниот налет на проектили и воздушни напади од страна на Израел.
Трагедиите продолжуваат да ескалираат, и да откриваат повеќе од злосторствата извршени од израелската армија врз цивилите во Појасот.
Саади Барака, 63-годишен палестински гробар, во разговор за агенцијата Анадолу (АА) ги искажа своите страдања поради големиот број деца и жени кои мораше да ги закопа од почетокот на војната на 7 октомври.
И покрај тоа што го поминал својот живот како гробар, тој рече дека на она на кое што моментално е сведок, не може да се спореди со било што во минатото.
Тоа имало големо влијание врз него до таа мера што не можел да спие или да јаде.
Иако сите обиди на војната се насочени кон „целите“ на Хамас, неговите борци, тунели, оружје и центри, според официјалните бројки мнозинството од населението во Газа се состои од жени и деца.
Реалноста доведе до голема трагедија, при што најмалку 70% од жртвите на израелските воздушни напади се деца и жени.
Зошто масовни гробници?
„Бевме принудени да направиме масовни гробници. Нема место каде да се сместат овие бројни тела секој ден, а нема ни блокови (цементни плочи поставени врз телата во гробовите). Во Газа сѐ истече“, изјави Барака.
„Не сум видел, до денес, таков криминал врз децата, жените и постарите лица, дури и во нацистичкиот режим за кој зборуваат“, рече тој.
„Вчера погребав речиси 600 маченици, повеќе отколку што погребав во изминатите пет години. Не сум видел таква бруталност. Мнозинството од оние што ги закопав беа жени и деца“, рече тој.
Според Барака, „секоја масовна гробница е со големина од околу 6 метри (20 стапки) и во неа се закопани околу 45 луѓе. Најголемата масовна гробница имала 137 луѓе.
Во врска со потребата од копање масовни гробници, тој рече: „Не останаа суровини, ништо не остана во Газа. Дури ни вода веќе нема“.
Што се однесува до неидентификуваните тела, тој истакна дека тие се закопани како и другите, и ја отфрли можноста по војната да се откопаат гробници за да се идентификуваат телата.
„Не можам да спијам“
Барака во изјава за Анадолу зборуваше за неговата мака за време на долгите работни денови. „Не можам да спијам поради големиот број детски трупови што ги видов. Што се виновни овие деца?"
„Ние не бараме помош и храна, ние се стремиме за мир уште од времето на Абу Амар (покојниот палестински претседател Јасер Арафат). Во меѓувреме, Нетанјаху само се стреми кон крвопролевање“, рече тој.
„Ние бараме да живееме со достоинство и слобода, да имаме држава, суверенитет. Сакам да бидам граѓанин како и секој друг во светот. Оние што испраќаат помош треба да сметаат дека е посоодветно да ни дозволат да живееме како граѓани во нашата сопствена земја, исто како што е случај во која било друга нација“, додаде тој.