Екси е длабоко свесна за влијанието што нејзините пчелни колонии го имаат врз еко-системот и вели дека ова е една од главните движечки сили што ја поттикнале да стане пчеларка
Нуран Екси, за првпат во јуни 2021 година, конечно можеше да се опушти, гледајќи со часови во неколкуте тегли со костенов мед, со количина од околу 25 килограми, како резултат на нејзиниот труд. Ова за неа беше првпат да извлече мед од кошниците кои почна да ги одгледува една година претходно.
Во екот на пандемијата, кога глобалната економија потона во циклус на затворања, 53 годишната Екси се повлече од удобната менаџерска позиција во корпоративниот сектор.
Отвори нова „канцеларија“ во импровизираната куќарка во Шиле, далечна област на Истанбул на брегот на Црното Море. И така започна нејзиното патешествие „да го спаси светот“.
„Пчеларството значи многу повеќе од извлекување на медот. Вака директно се поврзувам со природата, и го оставам мојот печат во напорите да се направи нашата планета поудобна за живеење“, вели Екси.
Помош за целиот еко-систем
Екси е еден од десетиците мали пчелари кои ја користат програмата на турската влада за зајакнување на производството на мед и поттикнување на претприемништвото преку самовработување.
Од 2006 година, на пчеларите им е дозволено бесплатно да основаат пчелни кошници на државно земјиште во шумските региони.
Туркије е втор најголем производител на мед во светот. Минатата година извезе 17.000 тони во 56 земји кои донесоа приход од околу 46 милиони долари.
Со љубов за природата
На едно неодамнешно јунско попладне кога сонцето беше прилично силно, Екси го облече белиот заштитен костим, обиколувајќи го полето со лаванда, рузмарин, детелинка и жалфија кои самата ги има посадено.
„Ова мало парче земја вдахнува живот на толкму многу нешта“, вели таа.
Пчеларството е макотрпна работа. Екси самата се грижи за 2500 квадрати земјиште кое и е доделена од државата. Тука во просек поминува околу 12 часа дневно, грижејќи се за пчелите.
Кога ќе се измори се враќа во малата колиба која самата ја изградила со зацврстени челични панели и дрвени трупци. На влезот ќе ве пречека натпис со црвена и црна боја, дека „Ако има пчели, ќе има и живот“.
За секој кој е навикнат на вообичаената канцелариска работа „од девет до пет“, пчеларството може да биде премногу. Но, Екси и претходно била личност која сака времето да го поминува надвор. Кога и дозволувало времето, патувала по офроуд патеките со нејзиниот џип, искуство кое и овозможило да биде „блиску до природата“.
Нејзината пчелна фарма расте во последните две години и сега се грижи за околу 2.7 милион пчели. Минатата година продала 800 килограми мед.
„Станав посвесна за цветовите и растенијата кои се околу нас. Веќе не откинувам цветови дури и да ми се допаѓаат, бидејќи може со нектарот да бидат храна за пчелите“, вели Екси.
Роеви пчели брмчат од жолти дрвени кутии сместени на дрвени трупци во фармата на Екси. Таа користи чад за да ги смири пчелите во една од кутиите пред да го извади капакот и да ги извлече рамките со саќе.
„Воодушевена сум од сцената секогаш кога ќе ја погледнам. Тоа е прецизно организирано општество на илјадници пчели кои работат за заедничка цел. Има пчели работници кои прават мед, кралицата снесува јајца и стотици машки трутови кои се парат со неа“.
Талкачите
Во Туркије пчеларството е нешто што се пренесува како семејно наследство од една на друга генерација со целото знаење.
Како втор најголем производител по Кина, медот го извезува во САД, Шпанија и Германија и во многу други земји.
Штом дојде јуни пчеларите од другите провинции се сместуваат во Шиле, поставувајќи ги нивните куќарки меѓу костените, што им овозможува да произведат посебен вид на мед кој е прочуен поради примената во лекување на респираторни заболувања.
Шефот на Здружението за развој на земјоделството на пчеларите во Шиле, Ахмет Џан, изјави дека тука 300 семејства живеат од приходите од продажбата на мед и се грижат за околу 10.000 пчелни колонии.
Костеновиот мед од Силе, познат по својот горчлив вкус и потемна боја, е само еден од многуте видови мед произведени во Турција благодарение на разноврсната клима во Анадолија и многуте видови флора што цветаат тука.
Се зема главно за појадок со лажица полна со крем, цветен мед, боров мед и мед од планинските врвови и е главен дел од многу турски трпезариски маси.
Кога времето ќе почне да се менува во јули, пчеларите како Екси ги натрупуваат кутиите со пчели на камиони и ја преместуваат базата во посончевата северозападна област Текирдаг на два месеца.
Ваквите преселби на колониите им помагаат на пчелите да опрашуваат други растенија и да го спречат колапсот на колониите.
„Тие се мирни и продуктивни само на сонце“, вели Екси.
Годишните преселби ги доведуваат пчелите во контакт со различни видови цвеќиња и тие се способни да се хранат со различни слатки нектари - ова им овозможува на Екси и другите да произведуваат мед со посебна текстура и арома.
Но, сега пчеларите се загрижени. Пчелите се чувствителни на временските промени и Екси вели дека климатската криза може да влијае на приносот.
„Една кошница во мојата фарма претходно можеше да произведе дури 30 килограми мед. Во денешно време, производството се спушти на само седум до осум килограми, главно поради климатските промени“, вели таа.
Летечките еко-воини
Факт што често се игнорира за пчелите е дека овие ситни инсекти се неопходни за глобалниот синџир на снабдување со храна, па дури и најважни.
Повеќе од две третини од најважните култури се опрашуваат од пчелите, бидејќи тие носат полен прикачен на нивните лепливи нозе од цвет до цвет во потрага по нектар, сметаат од Програмата за животна средина на Обединетите нации.
Секој трет залак храна што ќе го внесеме зависи од нив.
Екси е длабоко свесна за влијанието што нејзините пчелни колонии го имаат врз еко-системот и вели дека ова е една од главните движечки сили што ја поттикнале да стане пчеларка.
Освен што помагаат во балансирање на синџирот на исхрана, пчелите и другите инсекти опрашувачи се одговорни за природно зачувување на речиси 90 проценти од дивоцветните растителни видови во светот.
Но, драстично променливите временски модели, кои носат пообилни дождови, повеќе суши, поплави и шумски пожари и широката употреба на пестициди се закана за пчелните колонии, велат експертите.
„Пчелите играат важна улога во формирањето на природни живеалишта бидејќи го поддржуваат растот на дрвјата, цвеќињата и другите растенија кои се главен извор на храна и засолниште за многу други животински видови“, вели д-р Бека Фарнум, политички еколог и географ од Универзитетот Сиракуза во Њујорк.
„Покрај тоа, тие се составен дел од синџирот на исхрана бидејќи птиците, ракуните и критичните видови ги јадат пчелите како извор на храна.