По дефиниција земјотрес е природна појава, којашто е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до тресење на земјата.
Оваа природна појава, освен што често предизивикува материјална штета, предизвикува и загуба на човечки животи и голем број повредени. Најголем дел од преживеаните по земјотресите поминуваат два до три дена од катастрофата, но некои успешно се извлекуваат од под урнатините и по седум и повеќе денови.
Во прилог е листа на предмети кои може да ви го спасат животот:
Прибор за прва медицинска помош
Приборот за прва медицинска помош може да помогне да се санираат видливите помали рани со цел да се превенира да прераснат во поголеми здравствени компликации.
Конзервирана храна и флаширана вода
Без вода и храна човекот не може да издржи во нормални околности, а во вонредни услови при соочување со природни катастрофи, водата и храната значат живот. Затоа водата и конзервираната храна која има подолг рок на употреба, се меѓу приоритетните работи што е препорачано во упатствата да се имаат покрај себе.
Батериска ламба
Во случај на природна катастрофа каква што е земјотресот, батериската ламба е едно од помошните средства кои можат да помогнат да го осветлите просторот околу себе но и на спасувачките екипи да им сигнализирате каде се наоѓате со цел побрзо и поефикасно спроведување на процесот на заштита и спасување.
Повеќенаменски нож
Справувањето со природни катастрофи носи бројни неизвесности и предизвици затоа меѓу предметите кои би можеле да ви се најдат во такви моменти е повеќенаменскиот нож кој може да послужи за различна намена.
Мобилен телефон и радиоприемник
Мобилниот телефон и радиоприемник на батерии се исто така меѓу помошните средства кои можат да бидат од големо значење доколку бидете погодени од земјотрес. Повикувањето на надлежните за помош, повикувањето на членовите од семејството или пријателите, можат да бидат од пресудно значење за преживување во вонредни околности. Во време на високоразвиена технологија можат да помогнат и разни социјални и медиумски платформи како и релевантни апликации кои содржат упатства за однесување во вонредни услови.
Апарат за гаснење пожар
Постојат случаи во кои земјотресите знаат да предизвикаат и пожари. Поради тоа упатените во процесите на заштита и спасување препорачуваат покрај себе да имате апарат за гаснење пожар поради безбедносни причини, но и поради севкупното намалување на евентуалните материјални последици предизвикани од земјотреси.
Вреќа за спиење
Меѓу корисните работи во случај на потреба од преживување во вонредни околности се вреќите за спиење. Неретко во акциите за помош на луѓето погодени од земјотреси кои се сместени во шатори или други простори за колективно сместување се и вреќите за спиење.
Секако дека листата на потребните работи кои би биле корисни да ги имаат со себе луѓето при справување со природните катастрофи и непогоди е поголема. Ова се само дел од работите кои најчесто надлежните ги препорачуваат во своите упатства во случај на вонредни ситуации.