Името на стјуардесата Весна Вуловиќ за денешните млади најверојатно не значи ништо, но во времето на поранешна Југославија оваа жена, по игра на случајноста, прекуноќ, стана симбол за издржливост и беше славена како хероина во сите поранешни републики. Сите го знаеле нејзиното име, но не само во Југославија туку од САД, преку Африка до Јапонија.
Добила орден од претседателот Јосип Броз Тито, за неа биле пишувани песни, а добила и награда која и ја врачил лично Пол Макартни, еден од основачите на легендарните „Битлси“. Но зошто и како се случило тоа? Како една „обична“ жена наеднаш добила светска слава.
Запишана во Гинисовата книга на рекорди
Весна Вуловиќ во 70-тите години на минатиот век работела како стјуардеса во поранешниот авиопревозник на Југославија ЈАТ. Таа е запишана во Гинисовата книга, како рекордерка која преживеала пад од висина од над 10.000 метри без падобран.
Тоа се случило пред неполни пет децении кога во авион на ЈАТ , кој летал од Стокхолм за Белград преку Копенхаген и Заграб, била поставена бомба, што експлодирала во лет на висина од над 10 километри, некаде на територија на денешна Република Чешка.
Стјуардесата Вуловиќ е единствената преживеана во несреќата што е една од најтрагичните, но и најконтроверзни несреќи во историјата на ЈАТ.
Бомба во багажниот простор
Бомбата во авионот на ЈАТ била поставена во багажниот простор, а виновникот никогаш не бил пронајден. Во своите понатамошни изјави, Весна Вуловиќ наведувала дека се сеќава оти видела сомнителен човек.
„Еден човек изгледаше ужасно изнервирано. Не го забележав само јас. И други членови на екипажот го видоа, како и менаџерот на станицата во Копенхаген. Мислам дека тој човек ја поставил бомбата. Мислам дека ја пријавил торбата во Стокхолм, излегол во Копенхаген и никогаш повеќе не се качил на летот“, вели таа.
Бомбата експлодирала по еден час откако авионот го продолжил летот од Копенхаген.Од силината на експлозијата авионот се распаднал во лет. Вуловиќ била врзана за своето седиште на крајот на авионот, на опашката. Тој дел од авионот заедно со тоалетите се отцепил и паднал на планина покриена со снег.
Вуловиќ била пронајдена од локалниот жител Бруно Хонке кој ја видел како на сет глас вреска во близина на остатоците од авионот. Нејзината тиркизна униформа била прекриена со крв. Среќа во несреќа е што Хонке била лекар за време на Втората светска војна и успеал да ја одржи во живот, додека не пристигнат спасувачите.
Национална хероина
По несреќата, таа со тешки повреди поминала неколку дена во кома. Како последица на несреќата била парализирана од половината надолу. Имала амнезија и дознала по две недели дека преживеала несреќа и дека таа е единствен преживеан од 28-те патници.
По серија операции, таа можела повторно да оди по 10 месеци од несреќата. Таа се вратила на работа во ЈАТ, но не како стјуардеса. Во меѓувреме имала серија интервјуа и добила светска слава во земјите од поранешниот Советски сојуз и пошироко, а во 1985 година е запишана во Гинисовата книга на рекорди. Признанието и го доделил Пол Макартни на гала вечера во Лондон.
Во почетокот на 90-тите таа била отпуштена од ЈАТ поради учеството во антивладините протести и против гласното спротивставување на Слободан Милошевиќ.
Весна Вуловиќ починала во 2016 година во својот стан во Белград. Таа, за многумина, останала симбол на женската издржливост и пркос.