Спасувачите поместуваат планини од урнатини за да дојдат до преживеаните / Photo: AA

Поголеми делови од центарот на градот Кахраманмараш, епицентарот на земјотресот со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени, се претворија во урнатини. Станбените објекти, канцеларии, банки, сѐ е срушено.

Десетици локални организации и волонтери кои постојано доаѓаат помагаат во операциите на пребарување, спасување и пружање помош.

Со оглед на обемот на разорување во ова подрачје стигнаа и меѓународни тимови да помогнат во пронаоѓање на преживеаните.

Во предградието на Кахриманмараш, спасувачи од Босна и Херцеговина се борат да ги отстранат урнатините на станбена зграда.

„Сочувствуваме со турскиот народ и нација. Туркије ни помогна во поплавите во 2014 година и нашата морална и човечка обврска е на некој начин да помогнеме“, рече Ќук.

Тој додаде дека неговиот тим ќе биде во Туркије се додека бидат потребни.

Недалеку од нив е тим за пребарување и спасување од Јапонија кои бараат луѓе заглавени под урнатините.

„Имаме 73 члена поделени во четири групи, неколку кучиња трагачи и околу 15 тони опрема за операции на пребарување“, рече еден од членовите на јапонскиот тим.

Според неговите зборови сите членови на јапонскиот спасувачки тим распоредени се во Кахраманмараш.

Луѓето се шокирани.

„Ова беше огромна зграда со многу канцеларии до недела навечер кога поминав тука. Сега е урнатина“, рече средовечен маж со презиме Јилмаз.

Додека голем дел од градот е оштетен поради силните земјотреси, кои сеизмолозите ги нарекоа најлоши во 21 век, населбите надвор од центарот на градот изгледаат напуштено бидејќи жителите отишле да ги видат своите роднини.

„Се разбудив во време на земјотресот и истрчав од зградата. По неколку минути се вратив во својот удобен кревет“, рече Алиџи, стопанственик кој живее на периферија.

Тој не знаеше дека куќата на неговиот роднина во центарот на градот е уништена во првиот земјотрес со јачина од 7,7 степени по Рихтер на 6 февруари во 4.17 часот по локално време. Уште еден земјотрес со магнитуда од 7,6 степени ја погоди земјата девет часа подоцна.

„Ги побарав роднините кои живеат во центарот на градот“, раскажа Алиџи.

Нагласи декоа секоја секунда неговото срце чукало побрзо.

„Наутро побрзавме да ги видиме роднините. За жал, вујкото не можевме да го спасиме“, рече Алиџи, покажувајќи на урнатата зграда во која живееле неговите роднини.

До патиштата се наоѓаат импровизирани кујни за семејствата. Луѓето се прегрнуваат едни со други и делат шолји со чај чекајќи вести за своите најмили.

АФАД ја предводи хуманитарната работа

Во регионалниот центар на Управата за вонредни ситуации (АФАД) спасувачките тимови од целиот свет ги поставуваат своите шатори и се подготвуваат за распоредување.

Персонал од различни држави стекнува нови пријатели, се фотографираат и разменуваат телефонски броеви. Претставници од неколку земји, меѓу кои и од Обединети Арапски Емирати, Израел и други, ги подигнаа своите знамиња.

„Тука сме и се обидуваме да помогнеме на сите начини“, рече член на тимот за спасување од Дубаи.

Недалеку од него израелски тим постави шатори за својот персонал, а членовите на тимовите од Азербејџан разговараат за понатамошно распоредување.

AA
Популарни