Скопје во ритамот на уличниот музичар Џејмс     Фото: TRT Balkan

Кога поминувате низ Скопје, особено во централното градско јадро, од улица Македонија и Градскиот трговски центар, плоштадот, па се до Стара чаршија, невозможно е да не ги забележите уличните музичари. Некои свират виолина, некои гитара, кларинет, саксофон, хармоника… И тие звуци се испреплетуваат.

Доколку малку повеќе посветите внимание и го „наострите“ сетилото за слух ќе забележите дека всушност слушате една убава мелодија, како да сите тие музичари во целина се еден бенд. Да. Секој со својот инструмент придонесува во таа улична „химна“ на главниот град на Северна Македонија. Меѓу нив се издвојува 70-годишниот уличен музичар кој се претставува како Џејмс Асановски.

Се издвојува и по својот изглед, но пред се по звукот на неговиот инструмент. Секогаш до него е неговиот мотор, кој не е само негово превозно средство, туку и своевиден сценски реквизит без кој не би можел да го замисли својот уличен настап.

Инструментот на кој свири вели дека го направил сам. Се работи всушност за обоен пластичен балон за вода за кој вели дека е „од македонско производство“.

Овој импровизиран ударен инструмент под вештите раце на Џејмс вади импресивен звук во чиј ритам пулсира ритамот на Скопје.

Фото: TRT Balkan

„Ова се вика „македонски инструмент“. Ме прашуваат Шпанците каков инструмент е ова? Велам производството е македонско“, вели Асановски во разговор за ТРТ Балкан.

Продолжува да раскажува дека поради пандемијата од коронавирусот (Ковид-19) и состојбите што ги предизвикале мерките против ширењето на пандемијата, пред година и пол, бил приморан од шпанскиот Мадрид да се врати назад во Скопје после долги години престој таму.

„Убаво е во Скопје. Луѓето сакаат музика“, кратко вели тој и продолжува да удира по импровизираниот инструмент.

Асановски настапува на отворено како уличен музички уметник низ европските метрополи. Претежно свири латино-американска и кубанска музика. Минувачите не можат да одолеат на звуците кои се добиваат во комбинација со неговите раце и импровизираниот ударен инструмент. Музичкиот талент го наградуваат со бакшиш, за што тој се заблагодарува срдечно, продолжувајќи да го држи ритамот.

Фото: TRT Balkan

„Сега бргу бев во Белгија во Брисел, бев во Франција во Париз, во Белград таму свирев во трговски центар“, раскажува за своите музички патешествија Асановски.

Колку надарен музичар е всушност тој говори и фактот дека свири и гитара. Но, и за овој талент, тој скромно говори.

„Имам и гитара, имам студио дома“, додава Асановски.

Според него, од бакшишот кој го заработува свирејќи низ улиците не може да се живее во вистинска смисла на зборот, но може да се преживува. Сепак, за него најважно е што го прави она што сака и што ужива во слободата која ја овозможува статусот на уличниот артист за кој светот не е ништо друго, освен една голема сцена на која токму тие се вистинските „ѕвезди“.

TRT Balkan
Популарни