Филип Михајлоски, инструменталист на канон / Фото: TRT Balkan

Бројот на македонски музичари кои свират на традиционалниот инструмент канон може да се избројат на прсти и тоа на една рака. Некогаш канонот бил неизоставен дел од чалгиите, кои свиреле низ овие простори и биле главен дел од сите прослави.

Денес, таа традиција ја возобновува младиот музичар Филип Михајлоски од Кичево кој создава мост на поврзување меѓу македонската чалгија и звуците на истокот.

„Со слушање на чалгиската музика која ја имаме во Македонија, ја засакав таа музика и така се и роди љубовта за овој инструмент, вели за ТРТ Балкан инструменталистот на канон.

Иако не бил негов прв избор за изучување како музички инструмент, гледајќи ги старите емисии на македонската телевизија со чалгискиот оркестар се заљубил во канонот, во моќта на неговиот звук и неограничените можности кои ги нуди.

„Канонот во превод е закон. Уште во времето на Византија не биле замисливи чалгиските групи без овој инструмент. На некој начин ја давал интонацијата на останатите инструменти во оркестарот и за вокалните интепретатори“, посочува Михајлоски.

Филип Михајлоски, инструменталист на канон / Фото: TRT Balkan TRT Balkan

Стилот „Ала Турка“ е познат по скалите наречени „маками“. Од богатата традиција постојано се црпи инспирација за нови изведби.

„Постојат доста тајни, јас би рекол дека има уште многу да откривам, како и секој музичар. Музиката нема крај, човекот музиката ја учи додека е жив“, вели тој.

Душата и сензибилитетот на артистот се клучни за уникатен звук

Канонот се сретнува во многу култури од азискиот простор и тешко е да се утврди неговото точно потекло, бидејќи со одредени варијации се јавува во Персија, Византија и Османлиската империја.

Сепак, тоа што е сврзно ткиво на сите музички стилови е емоцијата на изведувачот која пренесува лирски мотиви, но и брзи и заразни ритмови за танцување и веселба.

„На некој начин ја оставаш својата енергија и својата емоција во свирењето, со секојдневна работа и ако си доволно посветен и имаш љубов кон инструментот тогаш тие емоции ќе излезат на површина“, истакнува Михајлоски.

Без љубов и посветеност нема успех, дополнува тој.

„Првпат кога го запознав овој инструмент, тогаш ми се роди љубовта за свирење, ми беше предизвик да почнам да го изучувам со самите скали кои ги има, со самите маками што постојат, познатиот стил на музицирање кој се нарекува „Ала Турка“ и оттука потекнуваат самите скали. И со постојано вежбање и учење се трудам да се усовршам“, заклучува Михајлоски.

TRT Balkan
Популарни