Лиам Пејн, поп пејачот кој беше дел од глобалниот феномен One Direction, почина на 31-годишна возраст во Аргентина откако падна од третиот кат на хотел во Буенос Аирес, соопшти полицијата.
Полицијата го откри телото на Пејн откако екипите за итни случаи вчера одговориле на повикот од луксузната населба Палермо.
Пејн стекна светска слава како член на популарниот бенд заедно со Хари Стајлс, Луис Томлинсон, Ниал Хоран и Зејн Малик.
Според информациите од полицијата на Буенос Аирес, полицајците на терен прво реагирале на повикот „за агресивен маж што можеби е под дејство на дрога и алкохол“.
Директорот на итната медицинска помош Алберто Кресенти изјавил дека Пејн паднал од височина од околу 40 метри.
Кресенти не зборуваше за околностите околу падот на Пејн од балконот.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија потврди дека е во контакт со властите во Аргентина „во врска со извештајот за смрт на британски државјанин“.
Откако се објави веста за неговата смрт, обожавателите почнаа да се собираат пред хотелот во Буенос Аирес и да палат свеќи.
One Direction ја носи титулата најпродаван машки бенд на сите времиња со над 70 милиони продадени албуми. Бендот почна да се распаѓа во 2015 година со заминувањето на Зејн Малик по пет години постоење. Другите членови на бендот продолжија со соло кариера од 2017 година.
Пејн, кој има освоено повеќе од 200 награди со бендот, соработувал со музички имиња како Ед Ширан, Рита Ора, Френч Монтана и Џеј Балвин.