Ова е втор голем штрајк, откако на 23 април околу милион луѓе протестираа против кратењето на финансирањето на државните универзитети / Photo: AA

Во Аргентина се одржа вториот генерален штрајк во последните пет месеци откако претседателот Хавиер Милеи е на власт.

Во главниот град Буенос Аирес јавниот превоз беше стопиран за околу три милиони патници дневно, училиштата, банките и бензинските пумпи беа затворени, а општинските претпријатија не го собираа ѓубрето.

Синдикатите свикаа 24-часовен протестен штрајк за поддршка на пристојните плати за Аргентинците кои се борат со тешка економска криза. Годишната инфлација достигнува 300 проценти, а секој втор жител живее во сиромаштија.

Околу 400 летови беа откажани во четвртокот, што влијаеше на околу 70.000 патници, според АЛТА, здружението на авиокомпании во Латинска Америка.

Пристаништето Росарио, во кое се извезуваат 80 отсто од земјоделските производи на Аргентина, е осакатено.

По победата на изборите во ноември минатата година, Милеи вети дека ќе го елиминира буџетскиот дефицит на Аргентина и ќе ја намали инфлацијата.

Досега, меѓу другото, ги скрати субвенциите за транспорт, бензин и енергија и отпушти илјадници државни службеници.

Синдикатот ЦГТ го обвинува дека вовел мерки за штедење кои ги погодуваат сиромашните и пензионерите. Штрајкот беше целосно очекуван поради драстичните мерки за штедење. Најголемата досега беше на 23 април, кога околу милион луѓе протестираа против кратењето на финансирањето на државните универзитети.

И покрај тоа, анкетите покажуваат дека тој се уште ужива околу 50 отсто поддршка кај гласачите. Неговите мерки забележаа пад на месечната инфлација од 25 отсто минатиот декември на девет отсто во април, а Милеи минатиот месец се пофали со првиот квартален буџетски суфицит на Аргентина во последните 16 години.

AA
Популарни