Музичкиот правец на самоизразување слави 50 години / Фото: AFP

Создаден во брејкот - моментот кога вокалите и инструменталите на песната се намалуваат, а се слуша само битот како ритам кој стапува на сцена - хип-хопот најдобро го искористи овој момент и целосно го промени музичкиот свет.

Се роди нешто ново од нешто препознатливо, но сосема различно.

Со рацете на вештите диџеи брејковите станаа нешто повеќе, вид на композиција, повторување на бескраен луп, скречувајќи напред-назад на миксетите.

Стапија и емсијата, рецитирајќи ги нивните вистини, преку рими и игри на зборови, а истото го направија и брејкденсерите бибојс и бигрлс на подиумите.

Музичка форма и култура која донесе нешто ново од самите корени. Хип-хопот се прошири од андерграунд забавите до парковите, низ сите населби на Њујорк, потоа низ цела Америка и низ целиот свет.

На секој чекор од растот на хип-хопот следеше промена и приспособување, како што надоаѓаа нови артисти, оставајќи свој печат на звукот, стилот, текстовите и целта. Основите се наоѓаат во афроамериканските заедници каде за првпат е откриен, а потоа се шири и расте, во бранови до сите кошиња на светот. Постојано доживува промени, но и поттикнува промени.

Уметност, култура, мода, заедништво, општествена правда, политика, спорт, бизнис, хип-хопот има влијание насекаде, и постојано се менува. „Е кога некој ќе направи нешто добро, ете така треба да се прави“, е едно од правилата на хип-хопот.

„Доволно е некој да направи нешто различно од претходно и да наметне нов стил“, вели Бабатунде Акинбобоје, американско-нигериски оперски пејач и доживотен фан на хип-хоп од Лос Анџелес. Тој креира содржини за социјални мрежи комбинирајќи ги двата музички стилови.

„Хип-хопот е поврзан со вистината, а тоа што е вистинско трае долго“, вели Акинбобоје.

Гледајќи низ почетоците 50 годишнината од хип-хопот е повод за голема прослава.

Во август 1973 година младиот Клајв Кембел познат како диџеј Кул Херц, газејќи низ улиците на Бронкс, почнува да ги прави првите брејкови на плочите, со цел да создаде нови ритмови за играње.

Исто така почнал да го користи и микрофонот, извикувајќи различни импровизации, слично како повиците за здравица при забавите во Јамајка. Стилот набрзо ќе стане многу популарен низ Њујорк.

Младината од Инглвуд во Њу Џерси, одговори на трендот за римување врз битови. Во 1979 година се појави групата Шугар Хил Генг со песната „Rapper's Delight“, хит кој стигна до 36 место на топ 100 листата на Билборд, па дури беше и на врвот во многу европски земји.

„Ова што го слушате не е тест, рапувам на битот, и јас, грувот и мојата група ќе ве мрднат од место“, рапува Вондер Мајк на почетокот на песната и како што се испостави не грешел, песната и хип-хопот навистина сите ги „мрднаа“ од место.

„Знаев дека правецот ќе „експлодира“ и дека ќе се слуша насекаде низ светот, како нов музички жанр“, вели раперот.

„Имате класичен џез, бибоп, рок, поп и сега доаѓа нова музичка форма која не постоеше, и тоа базирана на самоизразување. Ако не можете да свирите инструмент или да пеете, тогаш може да рецитирате и да си кажете што мислите. Така рапот стана достапен за секого“, смета раперот Мастер Џи.

Женските гласови исто така оставија свој белег на хип-хоп сцената меѓу кои Роксен Шанте од Квинс која стана препознатлива како една од најмладите и првите жени раперки во 1984 година.

Таа беше дел од „Војните на Роксен“, една од првите рап битки каде раперите се натпреваруваат еден против друг преку нивните песни.

„Кога ги гледам денес жените раперки чуствувам надеж и инспирација. Денес раперките се исто така и бизнисменки и срушија многу препреки, тоа е неверојатно и за мене е голема чест што сум била дел од почетоците“, вели Шанте.

Бројни жени, меѓу кои Квин Латифа, Лил Ким, Ники Минаж и Меган Ти Сталион продолжија да ги споделуваат нивните перспективи на рапот и општеството.

Ова е само дел од плејадата на многу жени ширум светот кои дадоа свој придонес на сцената.

Меѓу нив е и Ткај Маиџа, родена во Зимбабве и израсната во Австралија, текстописец и раперка која е на почетоците на нејзината кариера. Таа е воодушевена од разноличноста на жените во хип-хопот преку темите кои ги застапуваат.

„Постојат толку многу различни простори, многу начини за дејствување. Не е важно ако некој пред нас веќе создал нешто, бидејќи нацртот секогаш може да се менува“, вели таа.

Нагласувањето на самоизразувањето исто така значи дека хип-хопот како медиум се користи за речиси се.

Слободно изразување за забава, богатство, атрактивност - се низ стихови. Трансформација на стилот на Њујорк во различни вајбови, Западен Брег, Чикаго, Њу Орлеанс, Атланта, па дури и насекаде низ светот, тоа е платното на хип-хопот.

Мејнстримот во Америка не беше секогаш расположен за прифаќање на новитетите на хип-хопот. Експлицитните содржини од албумот „As Nasty As They Want To Be“ на групата 2 Лајв Кру од Мајами беа предмет на правна битка помеѓу непристојноста и слободата на изразување. Нивниот следен албум „Banned in the USA“ стана првиот кој беше означен од издавачката куќа со налепница за експлицитна содржина.

Потоа стана предизвик меѓу раперите нивниот омот на албум да добие ваква налепница, со предупредување до родителите за експлицитните содржини.

Рапот беше искористен и како платформа преку која се збореше за неправдите. Грандмастер Флеш и Фјуриос Фајв во „The Message“ од 1982 година ја посочија сиромаштијата во урбаните средини нагласувајќи ја борбата да се преживее со ваков предизвик.

Рапери како Комон и Кендрик Ламар исто така се потпираат на „освестени“ текстови. Тој стил започна со групата Паблик Енеми со песната „Fight the Power“ наменета за филмот „Do the Right Thing“ на Спајк Ли од 1989 година за расните тензии во Бруклин, која стана химна за борба со општествените неправди и дисмкриминација.

Често таквите пораки беа прифаќани со страв или презир во мејнстримот. „Straight Outta Compton“ на групата N.W.A од 1988 година е приказна за полициското насилство и животот како дел од бандите во Лос Анџелес, но истата беше бојкотирана од радио станиците. Рапот имаше многу конфликти поврзани со полицијата, одбележани со меѓусебна недоверба.

Дел од тие се и оправдани, бидејќи одредени стилови и поединци беа поврзани со вистински криминалци, што доведе до насилство и трагична смрт на рапери како Тупак и Биги. Од друга страна и општествените стереотипи водеа кон поврзување на хип-хопот со криминалот и системско профилирање на црните Американци.

Рапот е американски производ, и се уште има силно влијание врз случувањата во Америка. Но, хип-хопот се „одомаќини“ и насекаде низ светот, овозможувајќи им на многумина да се изразат себеси.

Исто така музуката и културата влијае на модата, наметнувајќи што треба да се носи црпејќи инспирација од уличната мода. Погледнете ја само продажбата на чизмите и чевлите на Тимберленд откако станаа популарни во рап спотовите.

Рапот доведе и до неверојатен спој на мјузиклот како жанр со театарската претстава „Хамилтон“, на Лин Емануел Миранда за бел американски политичар пред векови кој беше оживеан со хип-хоп саундтрак.

Уша Џеј, 26-годишна кореографка со тамилско потекло, родена во Франција, вешто го спои хип-хопот во слободен стил со традиционалниот јужноазиски танц Бхаратнатјам.

Преку видеата на социјалните мрежи, таа ја покажа нивната уникатна интеракција.

Хип-хоп културата „те тера да бидеш тоа што си“, смета Џеј.

Хип-хопот е, едноставно „магична форма на уметност“, вели Нил Роџерс, легендарен музичар, композитор и продуцент. Токму неговата песна „Good Times“, со бендот Чик, беше искористена за да се формира основата за „Rapper's Delight“.

„Влијанието што го имаше врз светот, навистина не може да се пресмета. Можете да сретнете некого во село во кое никогаш не сте биле, држава во која никогаш не сте биле, и одеднаш ќе слушнете нивни локален хип-хоп“, потенцира Роџерс.


TRT World
Популарни