Гитара на познатиот бенд „Foo Fighters“ оди на аукција     Фото: Gardiner Houlgate

Гитарата на која свиреше Дејв Грол во еден од првите спотови на „Foo Fighters“ ќе биде понудена на аукција.

Гитарата „Gretsch White Falcon“ на која Грол свиреше во спотот од 1997 година за песната насловена „Monkey Wrench“, првично била во сопственост на американскиот гитарист Пет Смир. Често се користела на нивниот втор албум „The Color And The Shape“ објавен истата година.

Се очекува да достигне цена помеѓу 17.750 и 35.500 долари кога ќе биде понудена на аукција од специјализираните музички аукционери „Gardnier Houlgate“ со седиште во Вилтшир на 7 септември оваа година.

Гитарата се продава со полароид фотографија направена од Смир, а на која се гледа како свири холивудската актерка Дру Баримор.

„Ова е многу интересна гитара бидејќи е една од ретките во сопственост на „Foo Fighters“, веројатно најголемиот рок бенд на Земјата во моментот, што некогаш излезе на јавна аукција“, рече аукционерот Лук Хобс.

„Monkey Wrench“ беше пробивниот сингл на бендот, а воедно и првиот на кој се појави тапанарот Тејлор Хокинс, кој трагично почина во март оваа година.

„Очекувам интерес од целиот свет. Фактот што се појавува во иконското видео на бендот „Monkey Wrench“ ја прави најпривлечна за колекционерите и обожавателите“, истакна Хобс.

Гитарата „White Falcon“ ја продава приватен колекционар.

Пет Смир кој исто така бил ритам гитарист, ја купил гитарата во 1996 година.

Во пишана изјава за потеклото, Смир објасни дека сакал да ја поседува гитарата откако видел еден од инстументите на кои свири британскиот бенд „Bow Wow Wow“.

HINA
Популарни