ПРОФИЛ - Јахја Синвар: Од израелски затвори до лидер на Хамас / Photo: AA

Палестинската група на отпорот Хамас вчера го назначи Јахја Синвар за нов шеф на Политичкото биро.

Синвар доаѓа на местото на Исмаил Ханије, кој беше убиен во иранската престолнина Техеран каде што присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на Иран на 31 јули, се вели во соопштението на групата на нејзиниот профил на Телеграм.

Хамас и Иран го обвинија Израел за атентатот на Ханије, но Тел Авив ниту ја демантираше ниту ја потврди својата одговорност.

Изборот на Синвар (61) ја покажува неговата долга историја со Хамас. Тој беше висок претставник на движењето на отпорот во Газа во два последователни мандата, првиот во 2017 година, а вториот во 2021 година.

Коментирајќи го значењето на изборот на Синвар за шеф на Политичкото биро, извршното тело на групата, палестинскиот писател и политички аналитичар Ибрахим Ал-Мадхун за Анадолу изјави дека „не постои сомнение дека изборот на Синвар за оваа позиција е предизвик за израелската окупација и се покажува дека тоа е човек што е ефикасен, силен и има контрола на теренот,“ во Газа и покрај тековната израелска војна која трае речиси 10 месеци.

„Именувањето на Синвар е разбирливо, бидејќи тој, всушност, му беше заменик на Ханије, како шеф на Хамас во Газа“, додаде тој.

Ал-Мадхун рече дека се очекува Синвар наскоро да издаде изјава, можеби во писмена форма, во која ќе го објави своето назначување за шеф на Политичкото биро на Хамас.

Рана возраст

Јахја Ибрахим Хасан Синвар е роден во 1962 година во бегалскиот камп во Кан Јунис во Јужна Газа. Неговото семејство по потекло е од градот Ал-Маџдал во Јужен Израел, од каде што биле насилно иселени во 1948 година.

Активности

Синвар се вклучил во Муслиманското братство на млада возраст и студирал на Исламскиот универзитет во Газа, каде што дипломирал на арапски јазик. Во текот на универзитетските години го водел Исламскиот блок, студентско крило на Муслиманското братство.

Во 1985 година Синвар ја основал безбедносната структура на Муслиманското братство, тогаш позната како Ал-Маџд. Оваа организација се фокусирала на отпорот на израелската окупација во Газа и борбата против палестинските соработници.

Студентскиот активизам му помогна на Синвар да стекне искуство што подоцна му овозможи да преземе лидерски улоги во Хамас по неговото основање во 1987 година.

Затворање

Во 1982 година израелската армија го уапси Синвар и го ослободи по неколку дена, а подоцна истата година повторно го уапси и го осуди на шест месеци затвор за „учество во безбедносни активности против Израел“.

На 20 јануари 1988 година Израел повторно го уапси и го осуди на четири доживотни затворски казни плус 30 години за „основање на безбедносната структура Ал-Маџд и учество во формирањето на првото воено крило на Хамас, познато како палестински муџахедини“.

Синвар помина 23 години во израелските затвори и беше ослободен како дел од договорот за размена на затвореници меѓу Хамас и Израел во 2011 година, познат како „Договор Шалит“. Според договорот склучен на 11 октомври 2011 година, Израел ослободи 1.027 палестински затвореници во замена за ослободување на израелскиот војник Гилад Шалит од страна на Хамас.

Раководење со Хамас во Газа

По ослободувањето во 2011 година Синвар учествуваше во внатрешните избори во Хамас во 2012 година, при што освои место во Политичкото биро и ја презеде одговорноста за надзор на военото крило на групата, Бригадите Ал-Касам.

Во септември 2015 година САД го додадоа Синвар на својата листа на „меѓународни терористи“. Според израелските медиуми, исто така, израелските безбедносни служби го наведоа Синвар како главна цел за атентат во Газа.

Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.

Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 39.600 Палестинци, главно жени и деца, а над 91.600 се повредени.

Речиси 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

AA
Популарни