Казнените бодови во возачките книшки, за кои граѓаните заборавиле и дека ги имаат, треба да се заменат со високи парични казни, забрани за возење и со одземање на возилата

Трагичната смрт на Фросина Кулакова, која пијано момче ја прегази на пешачки премин во центарот на Скопје, ја вознемири јавноста.

Граѓаните излегоа на протести, барајќи казна за возачот Васил Јованов, особено по информациите дека поради шверц на дрога, тој наводно требало да биде во затвор.

Повиканите, конкретно Основниот кривичен суд Скопје одговори на критиките:

„Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“.

Без да навлегуваме во конкретниот случај може да кажеме дека Судот е во право. Станува збор за општествен проблем. Црни точки ќе има толку, колку што, пред се има несовесни возачи.

Но зошто има такви несовесни и неодговорни возачи?

Не постои дефиниција за поимот „црна точка“ во сообраќајот, ниту, пак, како термин е определен во Законот за безбедност во сообраќајот. Но се подразбира како проблематично место на одредени сообраќајници, на кои зачестено се случуваат сообраќајни несреќи.

Па од аспект на загрижената јавност, може да направиме аналогија со соопштението на Судот и да кажеме:

„Дали за системскиот проблем со трагичните сообраќајки вината е во црните точки во правосудниот систем, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за правосуден проблем“.

Да! И во правосудниот систем има „црни точки“ поради кои имаме рецидивисти, силеџии и убијци по патиштата, па со децении гледаме трагедии како на Фросина, зашто традиционалните правни флоскули ја прикриваат вистината.

А таа е дека секој, кој пијан влегол во автомобил и возел со огромна брзина и убил некој друг учесник во сообраќајот мора да одговара за убиство со умисла и соодветно да биде казнет. Автомобилот во таков случај е исто како пиштол или било кое друго оружје со кое се загрозува нечија безбедност и живот.

Но за жал, таквите криминалци наместо да гнијат во затвори, по само две -три години, а некогаш ниту без затвор, се враќаат на патиштата.

Законската регулатива мора да се прилагоди на новите времиња, превентивата мора да биде прва брана против бесните возачи, а санкциите од хартија треба да се пренесат во реалноста.

Камерите од системот „Безбеден град“ со децени фаќаат прашина и чекаат некој конечно да се охрабри да донесе закон кој ќе ги стави во функција.

Казнените бодови во возачките книшки, за кои граѓаните заборавиле и дека ги имаат, треба да се заменат со високи парични казни, забрани за возење и со одземање на возилата.

Затоа Јованов ја убил Фросина, откако повторно седнал пијан во автомобил и без дозвола, иако и претходно под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа.

Тој тогаш се спогодил со оштетената страна и платил само казна, без да биде кривично гонет. И не ја платил тој, му ја платиле родителите. И тие пак му дале автомобил да вози, иако знаеле дека не смее да вози. Зошто? Затоа што имаат пари да плаќаат казни? Но човечкиот живот нема цена!

На секој возач може да му се случи да предизвика сообраќајка од било кои причини. Но несреќа предизвикана од пијан тинејџер без положен возачки испит е нешто сосема друго. Системот во старт не ги санкционира ваквите „возачи“ и затоа ќе се чуствуваат и ќе се однесуваат дека да се над законот.

Охрабрувачка е информацијата дека Обвинителството ќе утврдува дали има одговорност и кај родителите на Јованов бидејќи и тие треба да одговараат.

Поради недореченоста и лошите законски решенија од една и прогледување низ прсти од друга страна ни се повторуваат случаите како на Фросина Кулакова.

Затоа и ни се потребни нови законски решенија, регулативи кои ќе создаваат обучени и одговорни возачи, кои ќе бидат свесни дека кога ќе седнат во автомобил најважна е нивната, но и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Автор: Игор Шегавиќ

TRT Balkan
Популарни
Оваа страница користи колачиња. Продолжувајќи да ја пребарувате страницата, се согласувате со употреба на колачиња.Политика за колачиња
Прифати