Следната фаза во вселенските истражување ќе се насочи кон живот во вселената, на Месечината и Марс, наместо само престој во вселената, смета Центарот за вселенски науки при Универзитетот во Кјото.
Јапонските научници најавија амбициозен проект кој ќе овозможи престој на луѓето во вештачки создадена гравитација, речиси идентична како таа на Земјата, за постојан живот надвор од матичната планета.
Проектот ќе го дизајнира „Каџима“, една од најголемите градежни јапонски компании, со „стаклени“ куполи во кои ќе може нормално да се оди, спие, работи и истражува при гравитација на која луѓето се навикнати.
Приземјување, па вселенско освојување
Идејата за создавање вештачка гравитација како во научно-фантастичните филмови е цел на многу вселенски истражувачки центри, бидејќи ова е реален проблем, особено за астронаутите кои исполнуваат долготрајни престои во вселената.
Според податоците на НАСА голем број на астронаути по враќањето од вакви мисии се соочуваат со намалена коскена и мускулната маса и покрај механизмите за физичка активност.
Друг несакан ефект на слабата гравитација е движењето на течностите, кои без гравитација одат нагоре по телото, со што се врши притисок врз очите, а може да дојде до оштетување на бубрезите и срцето.
Астронаутите исто така се мачат со крвниот притисок изложени на ризик од несвестица и може да се соочат со промени во сензо-моторните вештини како што се рамнотежата и координацијата на очите и рацете поради проблеми со прилагодување на различната сила на гравитацијата.
Засега вселенските агенции како НАСА и РОСКОСМОС се потпираат на справи за вертикален од во фиксна позиција на нивните астронаути и космонаути со повеќемесечен престој на Меѓународната вселенска станица.
Но, за постојано живеење во вселенски бази кои ќе орбитираат во вселената или на Месечината, ќе бидат потребни нови методи на приземјување, односно креирање на вештачка гравитација.
Живот под стаклено „ѕвоно“
Според замислата на јапонските научници, животот на Месечината и Марс ќе се одвива во т.н. стаклени кули со конусоидна форма. Тие ќе бидат масовни градби со висина до 400 метри. Вештачката гравитација ќе се постигне преку ефектот на центрифугална сила, односно со ротација на прстените на кулата на секои 20 секунди ќе се постигне сила од 1Г или речиси идентично ниво на гравитациона сила како на планетата Земја.
„Тоа е основната технологија за човечко истражување на вселената. Ние веруваме дека луѓето треба да живеат во градбата на дневна основа и да уживаат во слабата гравитација на Месечината и Марс и бестежинската состојба на вселената само кога работат, спроведуваат истражувања или уживаат во слободното време“, велат од Универзитетот во Кјото,
Оттаму сугерираат дека за зголемување на шансите идните генерации да се раѓаат во вселената оваа технологија ќе биде суштинска за одржување на човечки живот надвор од границите на Земјата.
Условите слични на Земјата што ги обезбедуваат предвидените објекти, исто така, ќе им овозможат на жителите да се вратат на Земјата „во секое време“ со минимални несакани ефекти.
До Месечината и подалеку
Во јапонската визија за вселенска колонизација влегуваат и био-сфера, односно збогатување на просторот за живеење во кој ќе функционира цел еко-систем сличен а планетата, со многу зеленило, водни површини и жив свет, како и систем на транспорт од Земјата до Месечината и Марс, но и внатрешен превоз во самата „стаклена“ кула.
„Убедени сме дека трите столба на нашиот предлог не се наоѓаат во развојните планови на другите земји и дека тие се основните технологии кои се од суштинско значење за да се обезбеди имплементација на човековата миграција во вселената во иднина“, вели Јосуке Јамашики, директор на центарот.
Наречен „Хексатрак“, овој орбитален систем на поврзување ќе работи помеѓу Земјата, Месечината и Марс, со изградени станици на секоја од нив, соодветно наречени станица Тера, Месечева станица и Станица Марс.
Првиот прототип на градба која ќе ги тестира можностите на стаклената кула за живот надвор од Земјата се очекува да биде готов до 2050 година со тест на Месечината. Сепак, од истражувачкиот центар посочуваат дека оваа технологија најверојатно ќе биде подготвена за употреба кон крајот на 21 век.