Емпаер Стејт Билдинг во Њујорк, Бурџ Халифа во Дубаи, Кулите Петронас во Куала Лумпур…Ова се само дел од облакодерите кои се симболи на голем број модерни градови. Облакодерите вообичаено се гледаат буквално од секој дел на градот и неретко се вистинска туристичка атракција. На Светскиот ден на облакодери 3 септември ТРТ Балкан ви дава преглед на градовите со најмногу облакодери, над 200 метри, во светот.
Според Статиста, глобалната база на статистички податоци, метрополата Шенжен во јужната провинција Гуангдонг во Кина има најмногу облакодери со висина од над 200 метри.
Статиста, повикувајќи се на податоци од Советот за високи згради и урбани живеалишта објави дека Шенжен има вкупно 120 облакодери повисоки од 200 метри. Првата сериозна висококатница - висока над 150 метри - била изградена во 1985 година. Потоа следеше изградба на огромен број висококатници кои „го допираа небото“, вкупно 120 над границата од 200 метри.
Според Статиста, само 13 облакодери помалку од Шенжен има Дубаи каде има вкупно 107 згради повисоки од 200 метри. Градот на Емиратите е дом на највисокиот облакодер во светот, Бурџ Халифа, чија висина изнесува 828 метри. На третото место е Хонг Конг со 94 облакодери над 200 метри.
Њујорк, кој е на четвртото место, е единствениот американски град кој се најде во топ 8, со 92 облакодери кои достигнуваат над 200 метри.
Потоа следат Чонгкинг со 54, Шангај со 60, Куала Лумпур со 51 и Џакарта со 46 висококатници над 200 метри.
Лондон е на 50-то место, со 10 згради над 200 метри, како и 30 над 150 метри и една над 300 метри - Шард.
Статиста вели дека во демонстрација на моќ, трката кон врвот продолжува. Само во Шенжен уште 162 облакодери со висина од над 159 метри и повеќе се во изградба во моментов. Од нив најмалку 40 се планирани да бидат завршени во 2022 година. Во Њујорк, во изградба се најмалку 21 нов облакодер во наредните години.