Украинските жени кои по долги патешествија пристигнаа во Велика Британија сега се под закана да станат бездомници поради нерасчистените политики на британската власт.
Страдањата на Украинците не завршуваат веднаш штом што ќе пристигнат во некоја безбедна држава. Тоа особено важи за жените кои се соочени со многу препреки како учење нов јазик и истовремено и барање работа.
Покрај тагата поради одвоеноста од семејството и напорите да создадат подобра иднина за нивните деца, наоѓање постојано живеалиште прераснува во еден од најитните проблеми за Украинките.
Викторија Бохатска и Тетијана Титаренко, кои и двете ја напуштија Украина по почетокот на војната, ги раскажаа своите приказни, како и тешкотиите со кои се соочуваат пред и по пристигнувањето во Велика Британија.
Не ми издаваат стан под кирија
„Живев во Харков, многу близу до руската граница кога почна војната и нападот на Киев и регионот. Да, беше многу ужасно и стресно бидејќи луѓето не знаеја што да прават“, вели таа.
Многу беше тешко да се напушти Украина, и да се побегне во држави како Полска, Чешка, Германија и други, особено за тие кои немаа автомобил, а уште постресно беше за родителите со мали деца, раскажува Викторија.
Таа најпрво пристигнала во полски Лубин, а потоа аплицирала во програмата „Домови за Украина“ на Велика Британија. Британско семејство ја поддржало доделувајќи и соба за престој и помогнало во барањето работа и часовите по англиски јазик.
Преку програмата која британската влада ја претстави на 14 март, домаќини како спонзори може да примат бегалци од Украина во нивните домови до 6 месеци и да добијат надомест од околу 400 евра.
Викторија, која сега работи во кафуле, вели дека треба да најде подобро платена работа за да може да си дозволи да изнајми ново место за живеење бидејќи поддршката од семејството домаќин наскоро ќе заврши.
„Многу е тешко да се најде стан бидејќи газдите или не сакаат или не ми веруваат дека ќе можам да плаќам, не знам, многу е тешко да се најде место“ вели Викторија.
Нејзината мајка останала во Украина за да се грижи за нејзините баба и дедо кои не биле во можност да патуваат во странатво поради здравствени проблеми. Сега се снаоѓа сама со нејзината ќерка, но е многу благодарна за досегашната помош и поддршка од британските хуманитарни организации, како и на луѓето од Велика Британија.
Извозев илјадници километри
Тетијана Титаренко вели дека на 24 февруари нејзиниот сопруг и рекол да влезе во автомобилот со децата и да отпатува. Откако Украина ја поминала првата ноќ на ракетни напади со децата извозела околу 1.800 километри до Чешка.
Ќерката и синот два месеца останале во Чешка додека не аплицирале за програмата „Домови за Украина“, по што решиле да отпатуваат со автомобил до Велика Британија каде пристигнале на 1 мај.
Нејзиниот сопруг и натаму е во украинскиот регион Краматорск во близина на Бахмут. „Тоа е ужасно место и многу опасно по неговиот живот“, вели таа.
„Довозев до тука и се сместивме со прекрасно семејство кое многу не поддржа. Овие луѓе ги отворија нивните домови и срца за нас и се многу фини. Моите деца одат во училиште. Сега го учам англискиот јазик кој е ограничен со мојата работа, мора да го усовршам“, вели Тетијана.
Исто така таа изрази жалење за неизвесноста за животот на нејзиното семејство и иднината на Украина.
Џуди Сарсби од Советот на округот Елбриџ која го покрива градот Вејбриџ раскажа за кампањите и поддршката за Украинците кои живеат таму.
„Првото нешто што го направивме е да им организираме часови по англиски јазик. Тогаш веќе сите имаа сместување тука“, вели Џуди додавајќи дека наоѓањето работа за нив е сосема друг проблем.
ОБјаснувајќи дека програмата за сместување по истекот од шест месеци и сместувањето во домовите на граѓаните завршува и сега ќе треба самостојно да најдат ново место на живеење.
„Украинките дојдоа до тука, некои од нив возеле од Киев до Англија, со своите деца во непозната земја. Тие не го знаеја добро англискиот јазик и отидоа да живеат со нови семејства, па тоа што го направија е неверојатно, тие се толку силни и неверојатни“, додаде Џуди.
Ќе останат ли на улица?
Џорџина Еш Роџерс, една од волонтерките која им помага на украинските семејства во Елмбриџ вели дека главна пречка е нивото на познавање на англискиот јазик за наоѓање подобро платена работа иако има многу способни жени кои во Украина работеле како сметководители, физиотерапевти, економисти, и е многу тешко за нив без поддршка од семејството да работат како келнерки или чистачки.
Таа исто така потенцира дека е неопходно да се најде начин за Украинците полесно да најдат место за живеење по завршување на програмата.
„Многу од домаќините сметаат дека програмата треба да заврши, дека околностите се промениле и сега многу украински мајки со деца стануваат бездомници или наскоро ќе завршат на улица“, забележува Џорџина.
Недостигот на станови, високите цени, недоволното познавање на јазикот и потребата за грижа за децата во многу случаи ги ограничуваат можностите смета Џорџина и вели дека ова е почетокот на една голема криза.
Таа, исто така, додаде дека наоѓањето сместување за Украинците ќе биде оставено на добротворни организации бидејќи тоа е премногу голем проблем. Давајќи пример за размерите на проблемот, Роџерс спомена дека станот во кој живеат многу Украинци, меѓу кои и Викторија, е во сопственост на Здружението за домување, но постои план за рушење на зградата.
Здруженијата за домување нудат слични типови на сместување како локалните самоуправи - често на луѓе со ниски приходи или на кои им е потребна дополнителна поддршка.
Џорџина вели дека се борат да го спасат местото, во спротивно, таа нагласи дека Украинците, како и Британците во септември ќе останат без покрив над главата.