Инфлацијата ги „изеде“ платите на голем број вработени насекаде во светот, а глобален пад на реалните плати е забележан за првпат во 21 век. Пандемијата, но и војната во Украина придонесоа за раст на цените на речиси сите производи па голем број граѓани кои останаа со исти плати, едвај врзуваат крај со крај.
Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), глобалната инфлациска криза поврзана со слабиот економски раст и перспективата заматена од несигурност, доведоа до пад на реалните плати ширум светот.
Во својот најнов Глобален извештај за платите 2022-2023 година, глобалните реални месечни плати паднаа во просек за 0,9 отсто оваа година, што го означи првиот пад на реалната заработка на глобално ниво во 21 век.
„Повеќекратните глобални кризи со кои се соочуваме доведоа до пад на реалните плати. Тоа доведе десетици милиони работници во страшна ситуација бидејќи се соочуваат со зголемени несигурности“, рече во изјавата генералниот директор на МОТ Гилберт Ф. Хонгбо.
Според него, нееднаквоста во приходите и сиромаштијата ќе се зголемат доколку не се задржи куповната моќ на најниско платените.
Додека инфлацијата порасна побрзо во земјите со високи приходи, што доведе до натпросечно намалување на реалните плати во Северна Америка (минус 3,2 отсто) и Европската унија (минус 2,4 отсто), МОТ открива дека оние со ниски примања се несразмерно погодени од зголемената инфлација.
Бидејќи оние кои заработуваат пониски плати трошат поголем дел од расположливиот приход на основните добра и услуги, кои генерално забележуваат поголеми зголемувања на цените од несуштинските артикли, оние кои најмалку можат да си го дозволат тоа го трпат најголемото влијание врз трошоците на животот од порастот на цените.
„Мораме да посветиме особено внимание на работниците на средниот и долниот крај на скалата на платите“, рече Росалија Васкез-Алварез, една од авторите на извештајот.
„Борбата против намалувањето на реалните плати може да помогне да се одржи економскиот раст, што пак може да помогне да се обноват нивоата на вработеност забележани пред пандемијата. Ова може да биде ефикасен начин да се намали веројатноста или длабочината на рецесија во сите земји и региони“, рече таа.
Само за споредба, глобален раст на платите во 2007 година бил рекордни над 3 отсто, а во годината пред пандемијата бил 2 отсто.