Биолог од Украина се грижи за домовите на дваесетина семејства бегалци     Фото: AFP

Евгениј Елпитифоров, 37 годишен биолог, освен за цвеќињата и градините се грижи и за куќите и становите на дваесетина семејства кои побегнаа од ужасите на војната во Украина.

Евгениј има дваесетина клучеви, некои му се испратени преку роднини и пријатели на бегалците, а други ги подигнал практично од под чергичето.

„Да бев јас, ќе ми помогнеа и мене. Ова се мои пријатели, сите клучеви што ги имам се од луѓето што ги познавам“, тврди Елпитифоров.

Тој остана да ги надгледува и чува домовите во киевските населби Буча и Ирпин, местата каде, според него, имаше големи воени злосторства.

„По ослободувањето, многу мои познаници ме замолија да дојдам и да видам дали нивните куќи се уште се недопрени, дали имаат прозорци или врати“, изјави тој.

Евгениј во последните неколку месеци прави се што може да им олесни на бегалците, давајќи им информации во каква состојба е нивниот дом. Тој ги чисти куќите и становите од распрскано стакло и остатоци од гранатирањата, и вклучува светилки за да ги одврати можните натрапници или крадци.

Бидејќи е биолог, а поради тешкотиите од војната работи и како градинар за да опстои, многу сака да се грижи за цвеќињата кои домаќините ги оставиле при бегството.

Ги полева и одржува, додека пак на тие кои се враќаат во родните огништа им подготвува букети и кошници со овошје за да се чувствуваат посреќни.

Работата понекогаш „смрди“

Најголем предизвик како што вели, му е миризбата од скапаната храна во фрижидерите и замрзнувачите, оставена со недели да скапува без електрична енергија.

37 годишниот Евгениј со гас маска од советската ера се бори со миризбата     Фото: AFP

„Мирисот е толку лош што би можеле да се онесвестите“, рече Елпитифоров.

За да продолжи со работата му подариле и стара гас маска, произведена во времето на Советскиот сојуз, за колку толку да се справи со предизвиците.

Дури и по темелно чистење, становите треба да се проветруваат уште неколку пати бидејќи „мирисот останува недела или две“.

Евгениј останал доволно долго во мал стан за да ги навади растенијата. Единствен знак на војната била белешката на ѕидот „Извинете што проваливме“, оставена од руски војници.

Но, некои домови и имоти не се толку сочувани. Дел од станбен комплекс има големи оштетувања со распрснати прозорци и врати, а многу оставени автомобили или експлодирале при бомбардирањата или се уништени од шрапнели.

На неговата следна станица каде врши надзор, работниците веќе поставуваа нов покрив на куќа со изгорени ѕидови. Тој им помогна во обновата со засадување на зимзелена грмушка, замена за таа која изгорела.

„Тоа ме потсетува на украинскиот народ. Од едната страна е изгорена, а од друга има сила да продолжи да расте“, вели Евгениј.

AFP
Популарни