Светот старее: До 2050 ќе има 1,5 милијарди жители постари од 65 години   Фото: АА

До 2050 година се очекува во светот ќе има околу 1,5 милијарди жители кои се постари од 65 години, со што стапката на постара популација ќе се зголеми повеќе од двапати, прогнозираат од Обединетите нации. Доколку се остварат овие прогнози постарата популација ќе сочинува 22 проценти од светското население.

За подигнување на јавната свест за здравјето на постарите лица и подигнување на здравствениот и социјалниот животен стандард на старите лица, со одлуката донесена од Обединетите нации (ОН) во 1990 година, 1 октомври е прогласен за Светски ден на стари лица.

По повод овој ден, во светот се разгледуваат потенцијалите за индивидуалната благосостојба на постарите и развојот на заедницата. Темата на Светскиот ден на стари лица годинава е „Дигитална еднаквост за сите возрасти“.

Постарите лица се оддалечија од општествениот живот за да се заштитат од вирусот, но со тоа станаа поотворени за сајберзакани. Имајќи го предвид тоа, на преден план ќе излезат напорите за зајакнување на дигиталните вештини на постарите лица во согласност со избраната тема.

Посочувајќи дека постарите лица се извор на знаење и искуство и дека можат да дадат богат придонес за напредок на генерациите доколку можат да имаат пристап до нови технологии, ОН повикаа на имплементација на поинклузивни политики, стратегии и активности за да се обезбеди дигитална еднаквост за луѓе од сите возрасти.

Најголем број постари луѓе живеат во Азија, Европа и Северна Америка

Светското население, кое многу се зголеми во последните децении, изнесуваше 6 милијарди во 1999 година, а достигна 7 милијарди во 2011 година. Оваа година светското население достигна 7,8 милијарди.

Според ОН, помеѓу 1950 и 2010 година животниот век се зголемил од 46 на 68 години, а во 2019 година низ светот регистрирани се 703 милиони луѓе на возраст од 65 и повеќе години.

Истата година, регионот на Источна и Југоисточна Азија го презеде водството во однос на постарата популација со 261 милион постари жители. Европа и Северна Америка со повеќе од 200 милиони старо население го заземаат второто место.

Според податоците на компанијата „Статистa“, која обезбедува статистички податоци на интернет, во 2021 година, 26 проценти од светската популација имаат 15 години и помалку години, а 10 проценти се на 65 години и повеќе.

Инфографика: AA

Двојно повеќе постари лица

Се очекува постарата популација значително да се зголеми низ целиот свет до 2050 година.

Во моментов има повеќе од 1 милијарда луѓе на возраст од 60 години и повеќе, од кои повеќето живеат во земји со низок и среден приход.

Според проекциите на ОН, процентот на постарата популација во глобалното население ќе се зголеми повеќе од двапати, а до 2050 година населението над 65 години ќе надмине 1,5 милијарди.

Исто така, се проценува дека луѓето на возраст од 60 години и повеќе, кои во моментов сочинуваат 12,3 проценти од светското население, ќе сочинуваат околу 22 проценти од населението до 2050 година.

Еден од секои осум луѓе во светот е на возраст од 60 години и повеќе, и според ОН, бројот на постари луѓе во светот постојано ќе се зголемува бидејќи стапката на плодност продолжува да паѓа, а животниот век продолжува да расте.

Најголем пораст во Источна и Југоисточна Азија

Се проценува дека најголем пораст на постарата популација со 312 милиони ќе има во Источна и Југоисточна Азија. Постарата популација која во 2019 година изнесуваше 261 милион, во 2050 година ќе се зголеми на 573 милиони.

Според предвидувањата, најбрзото зголемување на бројот на постари луѓе ќе се забележи во Северна Африка и Западна Азија.
Во овие региони, постарата популација, која изнесуваше 29 милиони во 2019 година, се очекува да се зголеми за 226 проценти и да достигне 96 милиони во 2050 година.

Второ најбрзо зголемување се очекува да се случи во Супсахарска Африка со 218 проценти. Населението на возраст од 65 години и повеќе, кое изнесуваше 32 милиони во 2019 година, се очекува во 2050 година да достигне 101 милион.

Од друга страна, се проценува дека во Австралија и Нов Зеланд постарата популација ќе се зголеми релативно бавно, со пораст од 84 проценти. Во Европа и Северна Америка, каде што населението е веќе значително постаро отколку во другите делови на светот, се очекува бројот на постарите луѓе да се зголеми за 48 проценти.

AA
Популарни