Главниот град на Албанија, Тирана е на врвот на листата на најбрзорастечки градови на европскиот континент според процентот на пораст на жителите во овој град, покажуваат податоците на Обединетите нации кои се однесуваат за периодот 2020-2025 година.
Иако во сите балкански градови голем дел од населението се концентрира во градските средини, сепак сите градови не растат со еднаква големина. Тирана е единствен град во регионот со двојно па и тројно поголем прираст на жителите од другите градови, а дел пак како Загреб во Хрватска се очекува да има помалку жители во наредните години односно има негативен раст.
Според статистичките податоци, Тирана има нешто над половина милион жители. Само за споредба, градот во 1950 година имал едвај 80.000 жители.
Но во иднина градот дополнително ќе расте. Па така според податоците на ООН, Тирана се очекува да има просечен годишен раст на жителите од 1,63% и е трет на листата по руските градови Балашиха (1,88) и Тјумењ (2,01%).
Според податоците на ООН, на европскиот врв се и Осло и Сочи сочинувајќи ја листата од пет најбрзорастечки градови во Европа. Ниту еден од другите балкански градови не е на листата од 10 или пак 20 најбрзорастечки градови во Европа.
По Тирана, на листата далеку подоле е Скопје со очекуван процентуален раст од 0,84% што е исто колку и Берн и Цирих во Швајцарија.
Сараево е стотина места подолу со очекуван раст од 0,31%, а главниот град на Србија, Белград е 0,21%. Од балканските градови на оваа листа е само уште Загреб кој има негативен раст од -0,02.
Во најголем дел од балканските земји концентрацијата на жителите е во поголемите градови кои се економски центри и постојат повеќе шанси и перспективи за наоѓање работа. Токму тоа е еден од најголемите мотиви за селење во поголемите градски средини.