Каде најмногу се произведуваат европските велосипеди     Фото: AA

Високи цени на горивата, ограничен јавен превоз поради пандемијата со Ковид-19 и сè поголема потреба за здрав живот. Ова се само дел од причините за сè поголема популарност на велосипедот како превозно средство во Европа.

Во Европа во 2020 година се произвеле над 12 милиони велосипеди, што е минимален раст во споредба со претходните неколку години, особено по зголемениот интерес за време на пандемијата. Со ова темпо се обезбедува одржлива алтернатива за превоз, особено во градски средини со што се намалува загадувањето, а се подигнува здравјето и добросостојбата на граѓаните.

Иако не постои единствена европска политика за промоција на велосипедизмот, основниот праг е да се постигне најмалку 5% употреба на велосипедот во вкупниот сообраќај. Овој праг не го исполнуваат многу земји, вклучувајќи го и регионот на Балканот, а одредени земји иако немаат голема велосипедска традиција се лидери во производството.

Погон на две тркала

Италија не е земја која може да се нарече велосипедска, пред се поради мопед културата, но затоа пак е втора во Европа по бројот на произведени велосипеди. Во Италија во 2020 година биле произведени над 2 милиони велосипеди, додека пак најголемо производство на ова превозно средство има во Португалија, со над 2,5 милиони произведени велосипеди, информира Еуростат.

Германија е дел од големата тројка на европски производители. Во најсилната европска економија, позната пред се по автомобилската индустрија, се произведуваат околу 1.5 милиони велосипеди годишно.

И натаму не постои единствена европска политика за велосипедизам     Фото:  Reuters

Од поширокиот регион најдобро стои Бугарија, која годишно произведува околу половина милион велосипеди. Грција има производство од околу 150.000 примероци, а најмалку се произведува во Хрватска или околу 20.000 велосипеди во една година. Според Еуростат, податоците за словенечкото производство се доверливи.

Потребите растат, стратегии нема

Растот на производството го следи и зголемената побарувачка, но и повисоки цени, особено со проблемите на синџирите на достава кои ги погодија светските, како и европските пазари.

Но, и покрај зголемената потреба од алтернативен превоз, и обезбедување соодветна инфраструктура како поддршка за велосипедистите, според податоците на Европската велосипедска федерација (ЕЦФ), над половина од европските земји, немаат спроведена никаква стратегија или политики поврзани со развој на велосипедизмот.

„Од 47 земји, 23 во одреден момент усвоија национална стратегија за велосипедизам. Стратегиите за велосипедизам моментално се во сила само во 13 од овие земји, додека тие се истечени и затоа треба да се ажурираат во десет, вклучително и во велосипедската држава Данска. Од преостанатите 24 земји, само пет моментално се во процес на развој на ваква стратегија за првпат“, се вели во извештајот „Состојбата на националните стратегии за велосипедизам во Европа (2021)“ на ЕЦФ.

TRT Balkan
Популарни