Од ерата на Студената војна шахот се смета за најпрестижна игра чиј победник е гордост за светските сили. Студената војна заврши, а со тоа и пресметките меѓу САД и СССР. Во меѓувреме шахот стана глобален феномен во последните неколку години, благодарение на неколку културолошки настани, како што беше серијата „Дамин Гамбит“ на Нетфликс, играњето онлајн во текот на пандемијата и појавата на ВИ ботовите.
Денес, се повеќе луѓе играат шах, но најврвното ниво станува резервирано за Индија и Кина, двете нови шаховски суперсили.
За првпат во долгата шаховска историја во борба за престижната титула ќе нема ниту еден шахист од Европа или САД, што значи дека во финалето ќе гледаме надмудрување меѓу двајца шахисти од Азија.
По „пензионирањето“ на апсолутниот шампион Магнус Карлсен од Норвешка, патот до светска шаховска доминација се чини многу полесен, а тоа го искористија Кина, која веќе го доби првиот светски шампион во името на Динг Лирен, и Индија која ќе ја предизвика титулата преку кандидатот Гукеш Домараџу.
Младоста пред искуството
Гукеш со само 17 години стана најмладиот победник на престижниот кандидатски турнир во Торонто, кој се одржува неколку месеци пред мечот за светска титула, а на кој се одредува предизвикувачот на светскиот шампион.
Интересно е што на овој турнир учествуваа дури тројца шахисти од Индија, најавувајќи ја новата велесила во најстарата тактичка игра.
Гукеш изби на првото место и ги заобиколи фаворитите Фабијано Каруана и Хукару Накамура од САД и Јан Непомнијачи, Русинот кој два пати го освојуваше овој турнир, а подоцна губеше во мечот за светска титула.
Друг куриозитет е што Гукеш Домараџу потенкува од Шенај, родниот град на Вишванатан Ананд, поранешниот светски шампион кој стави крај на доминацијата на легендарниот Гари Гаспаров.
Гукеш како седумгодишно дете во живо го следел мечот за светска титула во 2013 година кога Магнус Карлсен за првпат победи и практично го „пензионираше“ Ананд кога го совлада и по втор пат, одбранувајќи ја титулата.
Шанса за „одмазда“ на сонародникот Гукеш ќе има во мечот за светска титула против Динг Лирен кој допрва треба да се договори каде ќе се одржи, но со оглед на традицијата најверојатно предноста ќе и биде дадена на кинеската шаховска федерација за организирање на натпреварот.
Во женска конкуренција на турнирот на кандидатки учествуваа две шахистки од Кина и две од Индија, но победничка е Тан Жонгју која повторно ќе се обиде да и ја одземе титулата на актуелната шампионка Жу Венџу исто така од Кина.
На овие турнири учествуваа брат и сестра Прагнананда (18) и Ваишали Рамешбабу (22) од Индија, но завршија на средина на табелата.
Русија и САД и натаму доминираат по бројот на велемајстори (GM) и интернационални мајстори (IM), но Кина и Индија ги престигнуваат по вкупниот број на шахисти и по бројот на учесници на најпрестижните турнири.