Нов боливудски филм ја прикажува битката на индиски мигранти во Норвешка за старателство над децата откако државата под сомнителни околности им ги одзела      Фото: TRT World

Тоње Омдал, 20-годишна Норвежанка, со нетрпение ја чекаше премиерата на индискиот филм „Госпоѓа Чатерџи против Норвешка“, кој од 17 март се прикажува ширум светот.

Заедно со стотици други ја проследи проекцијата во Ставангер, град познат по своите дрвени куќи и Норвешкиот нафтен музеј - една од препознатливите карактеристики што ја одразуваат трансформацијата на нордиската од земја окупирана од нацистите во независна држава богата со нафта.

Филмот од Боливуд е заснован на борбата на Сагарика Чакраборти, индиска имигрантка, чии деца биле присилно одземени и сместени во дом за згрижување од страна на норвешките власти во Ставангер. Позната како Барневернет, службата за заштита на децата се соочува со строги критики на глобално ниво во последниве години, а родителите ја обвинуваат дека семејствата ги растура под сомнителни околности.

Норвешка е мала земја со население од 5,5 милиони, што е помалку од 6 отсто од германското население. Сепак, споредено со другите европски држави се соочува со најголем број жалби до Европскиот суд за човекови права. Повеќето од нив се жалби на родители.

Некои од децата кои биле принудно сместени во згрижувачките домови сега се гласни критичари на Барневернет, а Омдал е еден од нив.

Тоње Омдал ја критикува работата на норвешката служба за заштита на деца      Фото: TRT World TRT World

„Мислам дека е одлично што некој конечно сними филм за проблемите на норвешкиот систем за заштита на децата. Тоа е странски филм кој Норвешка ќе ја стави под меѓународна лупа“, вели Омдал.

„Медиумите во Норвешка ретко пишуваат за поединечни случаи, и дури и кога ги има, властите не преземаат речиси ништо“, посочува Омдал која била сместена во згрижувачки дом во период од шест месеци додека била тинејџерка.

Нејзините тинејџерски непогодности биле препишани на „негрижата и злоупотребата во домот“.

„Тие го обвинија татко ми, самохран родител, дека ме злоставува. Но, тоа воопшто не беше вистина. Во основно училиште постојано бев малтретирана. Самата помисла дека треба да одам во училиште ми предизвикуваше грчеви. Татко ми се жалеше на училиштето да преземе повеќе мерки за да го спречи булингот. Наместо тоа, раководство ѝ пренесе на службата за заштита дека се „однесувам поинаку“ и дека нешто не е во ред во моето семејство“, открива Омдал која претрпела доживотни трауми по сместувањето во домот.

Филмот од Боливуд сега ги потресе норвешките власти. Амбасадорот на Норвешка во Њу Делхи дури напиша авторски текст во индиски весник во кој се жали дека филмот негативно ја прикажува норвешката служба за заштита на децата.

Што значи „добар родител“?

Филмот предизвика внимание делумно и поради актерската екипа од која дел е Рани Мукерџи, позната боливудска актерка.

Чакраборти, вистинската г-ѓа Чатерџи, емигрирала во Норвешка кон крајот на 2000-те заедно со нејзиниот сопруг, геолог кој работи за компанија за нафтени услуги. Филмот е заснован на книга што таа подоцна ја напишала.

Како и Омдал, Чакраборти била опфатена во наметливата мрежа на норвешката служба за заштита на деца, која со текот на годините одведе десетици илјади деца под државна грижа, кажувајќи им на судовите дека родителите не се способни да ги воспитуваат, посочуваат активистите.

Во 2011 година, Барневернет (се изговара: Бар-Нај-Вар-На) интервенирала и го одзела старателството над синот Абигјан и ќерката Ајшварија, откако покренала сомнеж за нејзината способност да ги воспитува.

„Властите никогаш не дадоа конкретна причина за одземање на децата“, вели адвокатката Сурања Ајар, активистка за семејни права која ја предводеше кампањата за враќање на децата на Чакраборти. Сега се блиски пријатели.

„Нивните тврдења беа смешни“

Како и со многу други оштетени родители, проблемите на Чакраборти започнале со градинката во која одел нејзиниот син. На персоналот му посочила дека е загрижена поради тоа што Абигјан е често немирен и не може да воспостави контакт со очите. Не можела ни да претпостави дека потоа ќе биде „маркирана“.

Претставниците на Барневернет почнале да го посетуваат домот на Чакраборти еден месец пред раѓањето на Ајшварија во декември 2010 година. Тие тврделе дека се таму за да обезбедат дополнителна помош околу станот. Сепак, тие не пружиле никаква помош и наместо тоа започнале да фаќаат белешки кои подоцна беа презентирани во судот за време на случајот за старателство.

„Чакраборти и нејзиниот сопруг, како брачен пар од средната класа, се труделе успешно да живеат во новата земја. Знаете како е со нас, кога сме опкружени со бели луѓе се трудиме да бидеме фини и скромни“, вели Ајар која води онлајн портал за документирање на злоупотреби на власта.

Денот кога нејзините деца биле одземени, Чакраборти и нејзиниот сопруг Ануруп Бхатачарја се скарале во присуство на социјалниот работник кој бил на рутинска посета. Чакраборти му се пожалила на Батачарја зошто не сака да и помогне да ја постави масата.

„Социјалниот работник им рекол „ајде вие поразговарајте, а јас ќе ја однесам малечката на прошетка“, открива Ајар.

Наместо тоа, социјалниот работник го однел девојчето со автомобил. Друг службеник ја земал Абигјан од училиште. Според норвешките закони, службата има право да го одзема старателството над децата без да бара судска дозвола. Позната како наредба за „итен случај за згрижување“, службата ја спроведува оваа постапка кога смета дека „детето е во опасност“.

Неколку месеци подоцна кога започнала судската постапка, службата ги оправдувала одлуките нагласувајќи ја загриженоста за начинот на воспитување на Чакарборти и нејзиниот сопруг. Во изјавата е наведено дека „Чакарборти ги храни децата со рака“ (инаку вообичаена пракса во Југоисточна Азија), дека покажувала заканувачки гестови кон синот (ја покажала дланката кога тој ја фрлал храната на подот), и дека Ајшварија ја оставила сама додека ја менувала пелената.

Додека децата биле во дом за згрижување и било дозволено да ги види неколку часа во неделата. При една посета се расплакала и разбеснила кога некој од службата и рекол дека нема да може да си ги види децата додека не наполнат 18 години.

Подоцна, судијата навел дека неутешната состојба на Чакраборти е една од причините зошто нејзината одбрана е одбиена.

„Ви се верува ли? Сето тоа е прикажано“, вели Ајар.

Активисти за човекови права сметаат дека службата не постапува исправно и има преголема моќ     Фото: TRT World TRT World

Службата нема пракса да говори за поединечни случаи.

Истражувањата покажаа дека главната причина за одземање на децата не е употребата на дрога или алкохол и нема никаква врска со домашните проблеми. Според службата, наведени се нејасни недостатоци на родителските вештини како главна причина за интервенцијата.

„Недостаток на родителски вештини. Оваа фраза можете да ја сретнете во многу од тие пресуди. Никој не може да ви каже што навистина значи тоа. Норвешка го користи за да го оправда киднапирањето деца. Во 90 проценти од случаите, никогаш не сме виделе некоја конкретна причина за одземање на детето“, вели Мауриус Реикерас, норвешки советник за човекови права кој советува десетици оштетени семејства.

Дирекцијата за деца, млади и семејни прашања (Буфдир) на Норвешка, која го контролира Барневернет, вели дека нема податоци за причините зошто децата се одземени.

Како одговор на прашањето на ТРТ Ворлд за тоа колку родители се осудени за злоупотреба на деца, портпаролот на Буфдир вели: „Можам да се осврнам само на студиите за инциденца на деца изложени на насилство од анкетите. Една неодамнешна анкета вели дека едно од пет деца барем еднаш доживеале физичко насилство од возрасен во домот. Едно од дваесет е жртва на сериозно физичко насилство како што е клоцање или тепање од возрасен во домот“.

Големиот итен случај

Семејствата на мигранти е поверојатно дека ќе бидат опфатени од бирократските лавиринти на Барневернет со надлежност над 400 општини низ Норвешка.

До 2021 година, дури 9.938 деца на возраст до 17 години живееле со старатели или во згрижувачки институции, откриваат податоците на Буфдир.

Околу 3.500 или 37% од нив се деца на мигранти, што е диспропорционално висока бројка бидејќи мигрантите опфаќаат само 16% од вкупното население.

По неколкумесечни протести, кои станаа ги наполнија насловните страници во Индија, и по дипломатската интервенција на Њу Делхи, Чакраборти повторно се обедини со нејзините деца.

Гунар Торесен, поранешен шеф на Барневернет во општина Ставангер, кој го потпишал налогот за „итен случај“, сè уште не е задоволен поради одлуката за враќањето на децата кај нивната мајка.

„Случајот беше политизиран. Луѓето се јавуваа во норвешката амбасада во Вашингтон. Се закануваа дека Норвешка ќе ги загуби индустриските договори. Барневернет никогаш претходно не доживеал нешто слично“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

Торсен, кој пред две години се пензионираше, вели дека не може да разговара за деталите на случајот на Сагарика Чакраборти бидејќи е обврзан со клаузулите за доверливост.

„Но, наводите, кои родителите ги изнесоа и ги пренесоа во медиумите, дека мсе ги одзеле децата затоа што спиеле во ист кревет или биле хранети со рака, сето тоа се глупости. Многу други работи беа во прашање поврзани со родителите“.

Торсен вели дека постоела загриженост за развојот на момчето и дека родителите не се сложувале најдобро.

„Тие беа во договорен брак и меѓу нив имаше голема разлика во години“.

Чакарборти се разделила од сопругот откако службата ги одзела децата и водела судска постапка за старателството во Индија, за што постојано известувале медиумите.Батачарја според неговиот профил на Линкедин сè уште живее во Ставангер. Но, не беше достапен за да се чуе и неговата страна од приказната.

„Законот е направен така за да ги заштити децата од различните начини на кои можат да бидат повредени од нивните родители и не е точно дека ако сте странец е поголема веројатноста да ги изгубите децата“, вели Торесен.

Торесен сè уште е зачуден зошто случајот на Чакраборти доби толку големо внимание.

„Зборував со индиските новинари таа пролет и ги прашав: „Нешто не ми е јасно. Зошто има толку голем интерес за децата (на Чакраборти) кога на улиците во Калкута секој ден умираат деца“?

Чакраборти и нејзиниот поранешен сопруг никогаш не беа ниту обвинети ниту осудени за малтретирање или дека претставувале било каква опасност на нивните деца.

Социјалните работници на Барневернет често ги обвинуваат родителите за сексуално или физичко малтретирање на децата. Но, активистите против Барневернет велат дека повеќето родители никогаш не се обвинети за тие наводи поради недостаток на докази. Експертите сметаат дека Барневернет располага со преголема моќ.

Протести за враќање на одземените деца     Фото: TRT World TRT World

Проблеми во рајот

Мауриус Рајкерас, норвешки советник за човекови права кој советува десетици семејства, вели дека норвешкиот систем за заштита на децата е дизајниран да го зголеми влијанието на државата во семејниот живот.

„Судиите, адвокатите, социјалните работници и психолозите, сите се фокусираат на правата на владата. Тие не се грижат за правата на семејството“.

Во Норвешка, секој случај кој вклучува одземање на дете прво оди до окружниот одбор, парасудска институција составена од правен експерт, кој не е нужно судија, односно обичен граѓанин или психолог назначен од Барневернет.

„Овие одбори имаат тенденција да гласаат во корист на владата во 95% од случаите. Тоа не е независно тело. Тоа е политички орган, супер лојален на системот“.

Случајот потоа оди до Градскиот суд, по што следи Апелациониот суд и на крајот Врховниот суд. Но, процесот може да потрае со години и за тоа време детето останува кај старатели или згрижувачки домови. Дури и ако на крајот пресудата е во корист на родителите, тоа е предоцна.

„Дотогаш поминале толку многу години што судијата смета дека за детето е подобро да остане со старатели отколку да се врати кај биолошките родители“, вели Рајкерас.

Норвешка, една од најбогатите земји во светот, е горда на својот систем на социјална заштита кој се грижи за здравјето и образованието на децата и троши милијарди за помош на родителите.

Во анкетите, нордиската земја е рангирана меѓу најсреќните во светот.

Но, Рејкерас вели дека меѓународната перцепција полека се менува откако Европскиот суд за човекови права почна да ги разгледува случаите против Норвешка. Десетици родители поднеле жалби до ЕСЧП откако не успеале да си ги вратат децата пред норвешките судови.

„Земја од 5,5 милиони луѓе има повеќе пресуди кога станува збор за случаите за заштита на децата во ЕСЧП отколку сите останати од Европа“. ЕСЧП донел 15 пресуди против Норвешка - повеќе од цела Европа вкупно.

Рејдар Хјерман, детски психолог и поранешен Народен правобранител за заштита на децата во Норвешка, вели дека власта во Осло можела подобро да се справи со случајот Чакраборти.

„Мислам дека тие не му соопштија на светот за што всушност е поведена постапката за заштита на децата“.

Во последните неколку години, Барневернет се обиде да ги земе во предвид културолошките различности, и за деца на мигранти сега се обидува да најде згрижувачко семејство со слично етничко потекло, вели тој.

Барневернет мора да посвети повеќе ресурси за да ги реши проблемите со кои се соочува биолошкото семејство пред да го стави детето во процес на згрижување, вели Хјерман.

„Отстранувањето на детето треба да биде само последно средство, ако на пример семејството има проблем со злоупотреба на наркотици или има насилство“, вели Хјерман.

TRT World
Популарни