Андријана Серафимовска и Марија Вук од граѓанската организација САНО / Фото: TRT Balkan

Околу 40 македонски дечиња секоја година заболуваат од канцер, а според податоците овој број постојано се зголемува. Групите за правата на пациентите и здруженијата за поддршка истакнуваат дека покрај со злобната болест, дечињата се соочуваат и со многу пропратни предизвици, како што е прекинато образование, недостиг на социјална и психолошка поддршка и потешкотии во реинтегрирање во училиштето.

Меѓу волонтерите најактивни се тие кои лично како деца преживеале канцер или пак некој нивни близок се соочил со најтешкиот животен предизвик.

Андријана Серафимовска на 12 години и била дијагностицирана остео-саркома, вид на канцер на коските, во нејзиниот случај на левото колено. Денес, Андријана има сили да се врати во истите болнички соби и ходници во кои поминала трауматична година од својот живот и да им помогне на дечињата полесно да се справат со болеста.

„Тоа беше еден голем шок за мене и моето семејство, во тој момент имавме многу малку информации всушност што значи ракот и како се третира. Мислам дека таа наивност на тоа што јас не знаев што ме очекува беше тоа што ме водеше понатаму. Јас бев сигурна дека ќе се борам исто како и моите родители“, вели волонтерката на здружението САНО.

Со помош на САНО и донации е отворена „Родителската куќа“ во склоп на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Овој простор има три апартмани со сите придружни елементи за секојдневно функционирање на едно семејство. Куќата се користи додека траат најтешките тремани на децата заболени од канцер.

„Јас сум мајка на дете кое исто така го победи ракот. Мојата мотивација всушност, иако не можам да бидам мајка на сите, но барем мајчински да ги прифатам сите овие борци кои успеале да најдат начин да го победат ракот заедно со медицината и нивните родители“, вели Марија Вук претседателката на САНО.

Марија ја потенцира потребата дека веќе шест години работат на опремување на Родителската куќа, како и на подигнување на свеста за детскиот канцер и специфичните потреби кои ги имаат најмладите и нивните семејства.

„Во една болничка соба каде детето лежи само, каде што е избоцкано, каде што го боли, терапијата му предизвикува многу непријатности, единствената сила која на детето му ја дава да се бори е родителот и неговата љубов. Сметавме дека оваа куќа мора да биде едно гнездо каде што тие ќе си земат сила за да може да му помогнат на детето во болницата и неговата борба“, вели таа.

Секое дете има право на лекување, но и образование

Покрај изгубената година од животот помината во терапија за многу од децата со канцер значи и изгубена година во образованието, бидејќи не постои систем на тутори или часови за децата да го следат наставниот материјал додека се на лекување.

„Јас цела школска година ја пропуштив. Друг проблем кој што се јави беше всушност самото образование, цело шестто одделение имам голема празнина во образованието и тоа понатаму влијаеше како јас се справувам со одредени обврски во училиштето“, сведочи Андријана.

Таа исто така потенцира дека била одалечена од нејзините другарчиња, и на возраст на која било потешко да се објасни што се случува со неа.

„Верувам дека се обиделе најдобро да им објаснат, но никој од нив не разбираше и поддршка од пријателите во тој момент немав“, вели таа и додава дека кога се лекувала неиформираноста била на високо ниво, и многумина не знаеле што значи ракот, не сакале да слушнат за што се работи и како може да помогнат.

„Ние шест години работиме да ја подигнеме свеста за самата болест, за последиците од болеста, но и тоа дека секое дете има право на образование, на социјална грижа и психолошка поддршка. Сметам дека од пред шест години до сега има голем напредок. Тогаш имавме проблем да привлечеме волонтери, денес се соочуваме со прашањето „како да помогнеме“. Тоа е голем чекор напред“, задоволно вели Адријана.

Голготата со образование не завршува кога ќе се вратат во училишните групи.

„Често наставниците им попуштаат на овие деца, а нивните другарчиња гледаат на нив со сожалување и не можат да го надополнат образованието. Затоа ни е потребен центар за рехабилитација на деца лекувани од канцер каде ќе се одржуваат летни кампови за надополнување на образованието и ќе им пружиме психо-социолошка поддршка“, нагласува Марија.

TRT Balkan
Популарни